О.Илинден: Лаптопи и заштитни маски обезбедени за училиштата

Општина Илинден и рафинерија ОКТА продолжуваат со соработката и низата успешни проекти кои досега се реализираа. Во рамките на таа соработка, ОКТА донираше 30 лаптоп компјутери и 10.000 заштитни маски, со цел да се помогне непреченото одвивање на наставата во основните училишта на територијата на општина Илинден. ОКТА како општествено одговорна компанија со оваа донација го дава својот придонес во успешно организирање на воспитно образовниот процес. 

    Градоначалникот Жика Стојановски изјави дека Општина Илинден е подготвена за почетокот на учебната година што во голема мера се должи на поддршката од бизнис заедницата. 

    „Со ОКТА имаме воспоставено континуирана и блиска соработка во повеќе области меѓу кои образование, култура и заштита на животната средина. Заедно имаме реализирано низа проекти со кои е подобрен квалитетот на живот во општината. Во таа насока е и оваа донација, со која ќе се овозможи безбедно одвивање на наставата за учениците кои ќе бидат физички присутни во училиштата, а од друга страна одлични услови за работа за повисоките одделенија кои наставата ќе ја следат од дома“, изјави градоначалникот Жика Стојановски.

     Главниот извршен директор на ОКТА, Вук Радовиќ изјави дека имајќи ги предвид условите во кои ќе се одвива учебната 2020 – 2021 година, компанијата како долгогодишен партнер на локалната заедница, одлучи да ја поддржи во напорите за ефикасно и успешно организирање на воспитно – образовниот процес, во услови на пандемија од КОВИД-19. 

    „Образованието е од исклучителна важност за секоја држава без разлика на околностите и предизвиците со кои периодов сите се соочуваме. Затоа, дури и во оваа, нова реалност, образовниот процес мора да продолжи да се одвива непречено и на соодветен начин. ОКТА како општествено одговорна компанија е силен поддржувач на едукативниот развој на младите генерации во државата. Токму оваа донација е уште една потврда за нашите искрени заложби за поквалитетен образовен процес, а во исто време и поддршка на локалната заедница во која работиме веќе 42 години. Верувам дека ќе помогнеме основните училиште во општина Илинден успешно да одговорат на предизвикот за онлајн настава во новата учебна година“, изјави Вук Радовиќ, главен извршен директор на ОКТА.

На територијата на општина Илинден има три централни и пет подрачни основни училишта, во кои настава следат околу 2.000 ученици.

Извор: Општина Илинден