О.Карпош: Мобилен мерач и Катастар на Загадувачи

Со набавка на мобилен инструмент, Општина Карпош предвидува мерење на загадувањето на амбиенталниот воздух (PM10, PM2,5, CO2, SO2, NO2, CO). Веќе извесен временски период, овој инструмент се тестира на територија на Карпош, а придобивките од истиот ќе бидат од поголемо значење.

Со овој уред, кој се развива преку Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), во реално време ќе може да се утврди загадувањето на било која одредена локација, а со тоа на поефикасен начин да се детектираат потенцијалните загадувачи на животната средина. Овој мобилен инструмент е во вредност од 500 илјади денари.

Исто така, со усвојувањето на еколошкиот план за 2021 година, Советот даде „зелено светло“ и за ажурирање на Катастарот на загадувачи. Станува збор за физички и правни лица, деловни субјекти кои загадуваат илисе потенцијални загадувачи на територијата на општина Карпош.

Овој Катастар е база на податоци и за индустриските капацитети (местоположба, тип на активности, капацитет, услови во ИСКЗ дозволите), со што се овозможува следење на емисиите на загадувачки материи. Дополнувањето на овој Катастар ќе ја чини локалната самоуправа 300 илјади денари и истиот ќе овозможи системски третман на еден од најголемите проблеми на национално ниво – аерозагадувањето.

Во текот на 2021 година, преку еколошкиот план на Карпош ќе се спроведе и едукативна кампања на граѓаните за поголемо користење на обновливите извори на енергија, изградба на фотоволтаични системи, примена на енергетско – ефикасни фасади и зелени покриви.

Извор: Општина Карпош