O.Кочани: Најавени мерки против загадувачите на животната средина

Општина Кочани најавува соодветни санкции против загадувачите на непосредната околина, кои повторно, по којзнае кој пат го потврдија своето несовесно однесување.

Комуналните служби на „Водовод“  деновиве работеа на темелно отстранување на дивата депонија во населбата Трајаново Трло, формирана непосредно до повеќенаменското игралиште. Според надлежните, во вторникот, на 16 април, од оваа локација се изнесени 20 камиони смет, шут и градежен отпад, исфрлан од дел од месното население од оваа населба.

Само неколку минути подоцна, без оглед на новата состојба и расчистениот простор, несовесни поединци повторно го нагрдиле просторот со нов отпад.

По пријавата, увид  на локацијата во населбата Трајаново Трло извршиле општинските комунални редари, кои најавуваат преземање соодветни мерки против сторителите.

Извор: Општина Кочани