О.Кочани: Нови загадувачи на Воздух

Првите извештаи добиени со мерката за контрола, анализа, следење и информирање за квалитетот на животната средина, реализирани од општинската Програма за заштита на животната средина за 2020 година ги истакнуваат критичните локации во Кочани каде е забележана емисијата на загадувачки супстанции.

Во периодот од 25 до 27 ноември, на неколку локации во Кочани се извршени мерења  и анализи во животната средина на емисии во воздух од стационарни извори на загадување и на концентрација на прашина – ПМ10 честички во амбиенталниот воздух.

Концентрацијата на ПМ10 честичките, останува висока во старата индустриска зона, каде при мерења и во услови кога не работи „Пејпр мил“, има отстапување од граничните вредности, односно се регистрирани 84,77 микрограми на метар кубен, што е за 34,77 микрограми на метар кубен повеќе од дозволената вредност. Во Лесна индустрија, на ул. „Крижевска“ во Кочани, измерената концентрацијата на ПМ10 честички е 51,73 µg/m³.

Од мерењата на концетрација на загадувачки супстанции во отпадни гасови од емитер (оџак) и чаднокатрански број кои се создаваат при работа на котел за потребите на производствен процес, извршени на четири правни субјекти во Кочани, кај два е регистрирано отстапување од граничните вредности.

Комплетните лабораториски извештаи ѝ се достапни на јавноста преку веб-страницата на Општина Кочани.

Добиените податоци ќе бидат пратени до надлежните институции, со цел да преземат соодветни мерки, а онаму каде ингеренциите се на единицата на локалната самопурава, ќе постапува општинскиот инспектор за животна средина.

Извор: Општина Кочани