О.Охрид: Увид на улицата Абас Емин

Градоначалникот Константин Георгиески  вчера направи увид на градежните активности на улицата „Абас Емин“ каде продолжува нејзиното асфалтирање. Утрово   се постави  првиот асфалтен слој  од продажното место „Тубелес“   до пресекот со улицата „Охридска Бригада“. На асфалтирањето му претходеше  поставување на нова атмосферска, фекална и водоводна линија , а беше   извршено преприклучување на корисниците. Исто така беа реализирани активности за соодветно тампонирање и поставување на рабници. Интензитетот на асфалтирањето на останатиот уличен дел  ќе  биде одреден од  брзината со која се поставува  новата канализациона мрежа.

Реконструкцијата на улицата „Абас Емин“ се одвива во два дела.  Првиот се однесува  на  изведба и реконструкција на фекалната, атмосферската и водоводната мрежа  и  се реализира со поддршка на Министерството за транспорт и врски и со средства од Европската банка за обнова и развој. Вториот дел од инвестицијата, кој опфаќа комплетна реконструкција на коловозната лента и тротоарите во должина од 1100 метри, од крстосницата со булевар „Туристичка“ до крстосницата со улицата „Железничка“  се реализира со средства од Буџетот на Општина Охрид. Вредноста на  проектот  е околу 40 милиони денари.

Станува збор за капитален проект којшто е  еден од најважните инфраструктурни проекти во Охрид  затоа што со него се решава  долгодишниот проблем    на  жителите  во овој дел од градот  затоа што сообраќајот и движењето се реализираа во лоши услови.

Извор: Општина Охрид