O.Прилеп: „Арапска ноќ“ – нова премиера на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“

На матичната сцена во театарот „Војдан Чернодрински“, ансамблот на прилепскиот театар вечер, петок 17-ти мај, премиерно ќе ја изведе претставата „Арапска ноќ“, на авторот Роланд Шимелфениг, во режија на Зоја Бузалковска.

Режисерката на претставата „Арапска ноќ“, Зоја Бузалковска која во прилепскиот театар се враќа по пауза од 8 години, вели дека бил трновит патот да се стигне до премиерата.

„Се работи за еден текст кој што одамна сакав да го поставам. Некои текстови кога ги мислиш, ги мислиш за одредено место, одреден театар, за одредена екипа и навистина мислам дека прилепскиот театар е подготвен на авантури, на театарски експерименти и на посмел од во она што ќе се прави. Тука не мислам само на раководството, туку мислам на подготвеноста на актерите да влезат во секоја нова авантура“, истакнува Бузалковска.

Еден од петмината актери во претставата е Димитар Ѓорѓиевски, кој вели дека е радосен што повторно ја имаат можноста да соработуваат со режисерката Бузалковска, особено што во случајов станува збор за специфичен текст.

„Зоја Бузалковска е режисер кој сака да експериментира и нас ни е предизвик да работиме со неа. Мислам дека дури и стопати да работиме заедно, во секој проект има некој нов пристап. Најдовме форма заедно со музичарите, сите актери и феноменалната сценографија која исто така работи многу за нас, најдовме израз кој е возбудлив. Интересно е да седиме на маса и да кажуваме текст, и тоа не е лошо, но ова е нешто за кое никогаш не си сигурен дали ќе префрли на публика или нема да префрли“, нагласува Ѓорѓиевски.

Менче Караџоска, в.д. директорка на НУЦК „Марко Цепенков“ вели дека ова е првиот од четирите проекти кои ќе бидат реазлизирани во 2019 година.

„Ова е наш прв проект за оваа 2019 година, прв од предложените и одобрени од Министерството за култура 4 проекти. Паралелно со подготовките на ‘Арапска ноќ’ започнаа и подготовките за втората претстава ‘Семејни приказни’. Пробите за оваа претстава се во тек, јас се надевам дека премиерата ќе ја имаме на почетокот на јуни. Останатите два проекта, ‘Господа Глембаеви’ и ‘Лажговци’, ќе бидат реализирани во втората половина на оваа година“, изјави Караџоска.

Во претставата играат актерите Игор Трпчески, Даниела Иваноска, Ангела Наумоска, Александар Степанулески, Димитар Ѓорѓиевски и групата Фолтин, која воедно е и автор на музиката. Сценографијата и костимите се на Јулијана Војкова-Најман, а драматургијата на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.

Извор: Општина Прилеп