О.Прилеп: Учениците во ООУ „Гоце Делчев“ 2019-2020 година ќе ја дочекаат со ново спортско игралиште

Со цел подобрување на условите за спроведување на настава и за престој во училиштето, со помош на локалната самоуправа, во ООУ „Гоце Делчев“ и во дневниот престој, целосно се реконструирани тоалетите на сите 3 катови, проект кој чинеше 60.000 евра. Истовремено, покрај останатите тековни инвестиции, изработен е елаборат за изградба на мултинаменско спортско игралиште, на местото од дислоцираната балон сала.

„Започнуваме со изградба на отворено игралиште за кошарка и за атлетски дисциплини, а ќе извршиме и комплетна замена на осветлувањето во училиштето, за што ќе бидат потрошени 30.000 евра. За одбележување се успесите кои нашите ученици ги постигнуваат на локални, регионални, државни и меѓународни натпревари. Така, во ланската учебна година на општински натпревари имаме освоено 51, на регионално 46, на државно 28 и на меѓународно ниво 12 награди.Во тековната учебна година, успесите на нашите ученици се исто така големи.


Нашето училиште е вклучено и во 4 меѓународни проекти во рамките на програмата Еразмус+, при што досега во други држави престојувале по 30 наставници и ученици“, вели Веле Ѓоргијоски, директор на ООУ „Гоце Делчев“.


Ѓорѓијоски потенцира дека врвен приоритет на кој му посветуваат посебно внимание, е изградбата на отвореното мултинаменско игралиште, во чиј склоп ќе има кошаркарско игралиште и атлетска патека. Игралиштето ќе биде изградено во следните 4 месеци, што значи дека новата учебна 2019/2020 година, учениците ќе ги дочека ново отворено спортско игралиште.

Во ООУ „Гоце Делчев“ настава посетуваат 840 ученици, а во подрачното училиште во с.Големо Радобил учат 10 ученици. Вкупниот број на вработени е 70,од кои 50 наставен кадар и 20 технички персонал.

Извор: Општина Прилеп