О.Прилеп: Во лабораторијата на „Здравствен дом” се прават комплетни анализи на хормонален и тироиден статус и имуноглобулини

Во биохемиската лабораторија што функционира во рамките на „Здравствен дом“-Прилеп веќе една недела може да се вршат комплетни анализи на хормоналниот и тироиден статус и имуноглобулини. Лабораторијата е опремена со современ имунолошки анализатор „MAGLUMII 800“, производ на „Snibe Dijagnostic“, компанија, светски бренд во имунолошката дијагностика.

Употребата на овој апарат и примената на современ метод по којшто се работи, гарантираат 99,9 % точност на добиените резултати. Бенефитите се на сметка на пацинетите. А, за сите предности денеска детално беа информирани и матичните лекари од градот. „Здравствен дом“ и веледрогеријата „Веста“ за нив организираа стручна презентација.

-Пациентите нема да патуваат во Скопје, за да ги направат овие анализи. Ќе им се скратат трошоците, но и времето за патување. Затоа што со овој апарат денеска почнуваме со анализи, кои што ги опфаќаат хормоните и имуноглобулините и тироидниот статус. Се испитуваат сите хормони во состојба на бременост, воспалителни процеси, а за прв пат во градот, ќе се прават и сите софистицирани анализи,- истакна Оливера Аџиоска, директор на „Здравствен дом“.

ЈЗУ „Здравствен дом“ е трета институција во државата, покрај Институтот за патофизиологија и нуклеарна медицина и Институтот за имунологија и хумана генетика, во која што се прават вакви анализи. Медицински стручњави од овие установи денеска поделија свои искуства со матичните лекари од Прилеп.

Инаку, во биохемиската лабораторија во Прилеп, годишно се прават околу 300.000 анализи. Со примената на овој современ метод на работа и нова апаратура, очекува бројот на анализи да се зголеми двојно.

Извор: Општина Прилеп