O.Прилеп: Започнува првиот Меморијален меѓународен ракометен турнир за ветерани „Таста – Лара“

На отвореното ракометно игралиште на хотелот „Сонце“, денес и утре, (петок и сабота) ќе се одржи првиот Меморијален меѓународен ракометен турнир за ветерани „Таста – Лара“. Турнирот се одржува во чест на ракометните легенди Петар Кузманоски – Таста и Влатко Коруноски – Лара.

Организаторите на турнирот, Здружението на спортисти „Млади ветерани“, велат дека идејата на турнирот е да му оддадат признание на двете големи ракометни и спортски легенди, Петар Кузманоски – Таста и Влатко Коруноски – Лара. Како учесници на повеќе турнири на ветерани во Хрватска, Србија, Словенија и Босна и Херцеговина, организаторите сакаат да го пренесат стекнатото искуство од ваквите турнири кои се спрецифични по начинот на организирање.

„На турнирот ќе учествуват 13 екипи, 8 во машка и 5 во женска конкуренција. Со овој турнир сакаме да придонесеме за популаризирање на ракометот и да ги насочиме младите што повеќе да се занимаваат со ракомет. Кај мажите, тука се екипите на Урошевац, Кач, Велес, прилепските ‘Млади ветерани’, битолски ‘Пелистер’, постарата репрезентација на Македонија за која ќе настапи Пепи Манасков, помладата репрезентација со Наумче Мојсоски, додека во женска конкуренција учество ќе земат екипите од Војводина, Богданци, Гевгелија, Демир Хисар и домашната екипа на ‘Тутунски Комбинат’“, изјави во име на организаторот, Рубин Лашкоски.

„Девојките од поранешниот клуб на ‘Тутунски Комбинат’ се носители на овој турнир, бидејќи и двајцата тренери, Таста и Лара, беа наши тренери со кои го постигнавме најголемиот успех, пласман на нашата екипа во Втората лига на Југославија. Тоа е главната причина зошто учествуваме на овој турнир, со единствена цел да им оддадеме почит на нашите некогашни тренери. Сите 16 девојки кои станаа прваци на Македонија и кои подоцна играа во Втората југословенска лига, со исклучок на две кои не живеат во нашата држава, ќе играат на овој турнир“, рече Елизабета Филипоска, поранешна ракометарка на „Тутунски Комбинат“.

Извор: Општина Прилеп