Општина Гевгелија: Три приоритетни проекти во ЈИПР

Југоисточниот плански регион со три приоритетни  проекти ќе аплицира за донација пред Швајцарската агенција за развој (SECO). По расправата на регионалните форуми Советот за развој на Југоисточниот плански регион, за приоритетни ги утврди проектите за набавка на Агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина, на Информативни табли и на производство и примена на Био-палети. Градоначалниците од општините од регионот, претставници од Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и други засегнати страни, по опстојната расправа ги потврдија трите проектни концепти. Овие проектни коцепти беа највисоко рангирани од регионалните форуми за аплицирање на грантовата шема во рамките на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“. Проектот го финансира Швајцарската агенција за развој, во соработка со Министерството за локална самоуправа.


Агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина, кои би биле инсталирани во сите десет општини не само што ќе даваат податоци за временската состојба, туку и совети какви мерки треба да се преземат за заштита на земјоделските посеви. Под мотот „Со еден допир поблиску до Регионот“ се предвидува поставување на информативни електронски табли во секој општински центар од регионот, додека со проектот за Био пелети, предвидено е производство и примена на палетите во јавните установи. По потврдувањето на концептите од страна на Советот на ЈИПР, Центарот ќе достави комплетни апликации до донаторот кој ќе го избере најдобриот регионален проект што ќе добие финансиска поддршка за имплементација.

Извор: Општина Гевгелија

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *