Општина Гевгелија: Заедничка гранична контрола на железничкиот премин во Гевгелија

Интензивирање на соработката, заедничко учество во регионални проекти во делот на патната и железничката инфраструктура, олеснувањето на протокот на луѓе и стоки, разгледување на можностите за нови авио линии помеѓу Северна Македонија и Грција, биле теми на разговор меѓу министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и грчкиот министер за инфраструктура и транспорт Кристос Спирцис.

Наскоро треба да бидат потпишани спогодби со кои ќе се овозможи спроведувањето на граничните процедури на полицијата и царината, како и на другите инспекциски служби да се вршат од едно место. Пред се, на преминот Гевгелија-Идомени, со заедничка гранична зграда во Гевгелија, како и на граничниот премин Кременица-Неа Кафкасос, со заедничка гранична зграда во Неа Кафкасос, во Грција.


-Доста се измалтретирани балканските земји, треба да свртиме страна за да се овозможи развој, а тој пат се отвора по поптишувањето на Договорот во Преспа. Визијата што сакаме да ја реализираме е ако некој патува во земјите на централна Европа е да констатира дека може да се движи од една земја во друга без да знае каде се границите, дали има граници, без да има застој на транспорт на производи со многу алтернативни начини. Визијата ни е да може луѓе да живеат во една земја, и да работат секојдневно во друга земја, рече грчкиот министер Спирцис.


Тој додаде дека за да се почне од некаде да се реализира оваа визија, двете министерства треба да работат интензивно и да подготват и потпишат договори за тесна соработка особено во патен сообраќај, инфраструктура, железнички сообраќај и авиосообраќајот пред посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас во Скопје.За реализирањето на визијата, рече, покрај добрата волја и работата на институциите ќе придонесе и пријателството меѓу двата народа.
– Република Грција е наш сериозен партнер, како економски така и во нашите интегративни евроатлански и европски процеси. Овие заеднички средби и состаноци се во духот на продлабочување на соработката меѓу двете земји во полето на транспортот и услугите. Географиски, положбите на двете земји се од особено значење за развој на регионот и од таа причина верувам дека проектите што ги работиме регионално, ќе придонесат за економско јакнење на сите земји од регионот, како и за подобрување на комуникацијата меѓу граѓаните, рече Сугарески. Тој го информирал министерот Спирцис дека се реализраат сериозни инвестиции во моденизација на патиштата на Коридорот 10. Ова, рече, е од особено значење и за двете земји со оглед на транспортот на стока и патници што транзитира низ нашата земја, за кои крајна дестинација е Грција или пак го користат коридорот за излез на европскиот пазар.

Извор: Општина Гевгелија

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *