Општина Гевгелија: ЗЕЛС ја поддржа иницијативата на Општина Гевгелија за електронско евидентирање на туристите и понудувачите на престој

Новоформираната Комисија за локален економски развој при ЗЕЛС, под претседателство на Борјанчо Мицевски, градоначалник на општина Крива Паланка, на конститутивната седница беше запознаена со конкретните барања пристигнати од Општина Гевгелија. Имено, општина Гервгелија иницира измени во Правилникот за категоризација на објекти од физички лица кои вршат услуги за сместување, а предложи и воведување на електронски систем за пријавување на гости.

При тоа беше покренато прашањето за потребата од воведување на словенечкиот модел за пресметка на такса за привремен престој (ТПП) преку плаќање на паушален износ на годишно ниво, при што приходите од таксата да се 100% приход на општината. 


На седницата беше посочено дека повеќето општини се соочуваат со сериозни предизвици поради неплаќање на оваа такса, потоа со непријавувањето на гостите и нерегистрираните издавачи на станови. Како една од главните причини за тоа беше наведен недостаток на кадри во општината за вршење на инспекциски надзор во оваа област.

 Поради тоа присутните ја подржаа иницијативата за обезбедување на електронски систем за евидентирање на туристите и понудувачите на престој, кој би го водела општината а, би бил директно поврзан и со МВР и со УЈП.


Заклучокот што го донесе Комисијата по ова прашање беше сите општини да достават мислење и предлози до ЗЕЛС за предизвиците со кои што се соочуваат при спроведување на обврските кои произлегуваат од овие три закони најдоцна до средината на месец април. Потоа Комисијата на својот следен состанок истите ќе ги разгледа и ќе донесе сублимирани заклучоци кои ќе бидат презентирани пред Управниот одбор на ЗЕЛС.

Извор: Општина Гевгелија

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *