Општина Карпош: Еко камп на иднината-Секој ден е Еко ден

Денот на екологијата, 21 – ви март, Општина Карпош го одбележа со завршен настан од проектот „ЕКО – Камп за млади претприемачи“кој се одржа во ООУ „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4.

Имено, 54 деветоодделенци од сите десет основни училишта, во изминатиот период учествуваа во работилници на тема: Заштита на животната средина. Овие работилници овозможија полесно совладување на материјата по предметот Претрпиемништво и иновации (предмет кој е дел од наставната програма за 9-то одделение), а истовремено придонесоа за повисока јавна свест кај помладите за заштита на околината.

На денешниот настан, основците работеа во групи и изработуваа производ од еко – материјали.

На последниот дел од овој Еко Камп присуствуваше и градоначалникот Стефан Богоев. Тој го посочи фактот дека по изборот на „Пакомак“ Општината е рангирана меѓу најдобрите три еколошки општини во Македонија.

–    Сепак, потребно е секојдневно да работиме на здрава и чиста животна средина. Ова е вистинскиот пристап, од рани години да се работи на повисока јавна свест, правилно управување со отпад, негова селекција и искористување.

Вие, младите, сте вистински пример за целата заедница и за разлика од многу повозрасни граѓани, веќе го положивте тестот на зрелост, говореше Богоев пред учесниците на Еко-  Кампот.

Овие работилници се спроведоа во соработка со Институтот за претприемништво и лидерски развој при Американ Колеџ – Скопје, Центарот за енергетска ефикасност на Македонија – МАЦЕФ, Пакомак, Агенцијата за поддршка на претприемништвo и ПСУ Американска гимназија Скопје.

На настанот се обрати и Македонка Димитрова, претседателка на научниот совет при УАКС – Институт за претприемништво и лидерски развој, која говореше за текот на проектот, интересот на младите луѓе, но, и за тоа како се „роди“ оваа  идеја за Еко Камп.

–    Идејата за еко-кампот произлезе од секојдневието, проблемот со загадувањето и потребата секој индивидуално, преку сопствен пример, да се заложи за почиста околина. Младите, за време на работилниците покажаа голема свест за совесно одложување на отпадот што многу ме радува и ми дава надеж за нашата иднина, заврши Димитрова.

Извор: Општина Карпош

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *