Општина Охрид: В.Д градоначаникот Георгиески присуствуваше на Балканскиот конгрес за урологија

В.Д градоначаникот на Општина Охрид, Константин Георгиески на ден 05.04.2019 година присуствуваше на свеченото отворање на Балканскиот конгрес за урологија, во организација на Македонското здружение по урологија, а воедно присуствуваше и на основачкото собрание на Балканската асоцијација на урологија, каде важно место ќе имаат и македонските специјалисти по урологија.

Во своето обраќање в.д.градоначалникот Георгиески ги поздрави присутните, им посака плодна работа и срдечно добредојде во Охрид.

– Човек се чувстува најсигурно и најпријатно, кога е во опкружување со луѓе со кои дели заеднички интереси и професионални предизвици.

Денес јас ја имам честа како ваш колега, а како домаќин, во свое име и во името на граѓаните на Охрид  да ви посакам искрено добредојде во Охрид и успешна работа на вашиот конгрес, од кој верувам сите ќе заминете со нови сознанија и драгоцено искуство. Живееме на крајот од втората деценија на третиот милениум, време кое е исполнето со драматично брз технички и технолошки развој, кој сигурно помага научните сознанија побрзо да се шират и да бидат достапни до сите медицинки инстиуции, и пред се до пациентите. Од тука, верувам дека формирањето на Балканската асоцијација за урологија, ќе придонесе новите техники и технологии поефикасно да бидат имплементирани во поширокиот простор на Балканот.

Сигурен сум дека во наредните три дена, ќе имате плодна работа, корисна размена и на искуства и успешна презентација на најновите достигнувања во дијагностиката и лекувањето од областа на урологијата.

Почитувани колеги, локалната самоуправа и граѓаните на Охрид, ве уверувам дека ќе бидат добри домаќини, за сите ваши активности надвор од официјалната програма. Ваше е само да издвоите слободно време за да се насладувате на безвремената убавина на Охрид и езерото.

Се надевам дека вашите организатори го вметнале тоа во вашата агенда, за да можете да понесете барем мало парче од нашата убавина со Вас – истакна в.д. градоначалникот Георгиески.

На вечерашното свечено отворање присуствуваше и министерот за здравство на Владата на Република Северна Македонија,  Венко Филипче.

Извор: Општина Охрид