Општина Велес: Одбележан Меѓународниот ден на Ромите во Велес

На денешната панел дискусија, организирана во ликовниот салон во Велес, беше одбележан 8. Април, Меѓународниот ден на Ромите. Говорниците го истакнаа фактот што во светот постојат околу 12 милиони Роми, а Република Северна Македонија е една од државите кои го признава ромското малцинство. Во Велес живеат околу осумстотини Роми. За жал, многу мал дел од нив го говорат својот мајчин јазик, а со тоа и постепено се губи чувството на припадност кај секој поединец.

“Освен во 4 општини во државава, во другите не се говори ромскиот јазик” истакнаа младите ромски интелектуалци кои беа поканети како панелисти. Тие упатија и апел до владата со препорака да се отвори катедра на Филолошкиот факултет за изучување на ромскиот јазик со што би се продуцирале професионални кадри кои ќе придонесат кон зачувување на ромскиот јазик во државата.


Градоначалникот на Општина Велес, во својот поздравен говор пред присутните ги образложи досегашните реализирани проекти, но и ги најави новите инфраструктурни проекти кои ќе се реализираат во скора иднина, а кои имаат за цел подобрување на квалитетот на животот на Ромите во Велес.


“Како и сите други заедници, силно ве охрабрувам и поддржувам да бидете горди на своето потекло и на следниот попис да се изјасните како Роми” им порача Коцевски.


Талентираните ученици од музичкото училиште “Киро Димов” го збогатија настанот со свој музички перформанс.


Чествувањето на овој значаен ден за Ромите беше организиран од повеќе здруженија на граѓани со поддршка на Општина Велес и проектот Ромактед, преку кој се промовира доброто управување и поддршката на Ромите на локално ниво.

Извор: Општина Велес