СЕП: Информации поврзани со искористувањето на европските средства

Почитувани,

Во врска со изјавите за (не)искористувањето на европските средства, а во интерес на точно и објективно информирање на јавноста, Секретаријатот за европски прашања информира за следново:

1.   Финансирањето на проекти во секторот транспорт во ИПА 2 (2014 – 2020) се врши преку повеќегодишната програма во износ од 110 милиони евра за овој сектор и се спроведува преку децентрализиран начин на управување, што значи дека Северна Македонија директно располага со парите на европските даночни обврзници. Во овој износ програмирани се проекти во железничка и патна инфраструктура, за кои што во овој период не се загубени средства.

2.    Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) е друг механизам преку кој се финансираат големи инфраструктурни проекти вклучително и во секторот транспорт. За да се заокружи финансиската рамка за вакви капитални проекти, покрај добиените грантови, мора да се обезбеди согласност за заем и од меѓународна финансиска институција. Заради одговорна фискална политика и задржување на степенот на задолженост во одржливи рамки, Министерството за финансии многу внимателно проценува за кои проекти ќе даде согласност за финансирање преку WBIF. Искористувајќи ги можностите од Економско-инвестицискиот план, презентиран од еврокомесарот Вархеји во октомври о.г., Северна Македонија на повикот на WBIF кој истекува во февруари 2021 год., ќе аплицира за нови грантови, меѓу кои и за железничкото поврзување со Република Бугарија, со што ќе се намали стапката на задолжување.

3.    Во однос на изјавата дека не се обезбедени средства за  справување со социо-економските последици од пандемијата, информираме дека за извонредно кратко време од само еден месец, администрацијата координирана од СЕП успеа да репрограмира 50 милиони евра од Наградата за успешност на ЕУ за Република Северна Македонија за 2020 година. Овие средства се искористија за реализација на дел од 3-от пакет економски мерки на Владата, т.е. 30 милиони евра беа инјектирани како бескаматни кредити со грантова компонента за микро и мали претпријатија преку Македонската банка за поддршка на развојот, а 10 милиони евра за поддршка на активните мерки за вработување преку Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија.

Извор: Секретаријат за европски прашања