СЕП: „Ќе треба да разбиеме низа предрасуди, современите европски вредности во нашето секојдневие и нив да ги практикуваме“

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров на денешната прес-конференција по повод мандатното писмо за мисијата и задачите на Секретаријатот за европски прашања порача дека како вицепремиер за европски прашања ќе даде сѐ од себе за Северна Македонија да стане просперитетна европска демократија во која ќе владее правото, со која сите ќе се гордееме.

„Ова е нашата битка, ова е должноста на нашата генерација и за мене како човек кој целата кариера ја посвети на заокружување на двете клучни цели од македонското осамостојување – НАТО членството и европската интеграција, сега нема поголем предизвик од исполнување на второто.“ – рече ЗПВ Димитров истакнувајќи дека процесот на преговори бара многу реформи и многу промени, што се тешки и бараат не само знаење и вештини, туку и упорност.

ЗПВ Димитров: „Ќе треба да разбиеме низа предрасуди, да ги внесеме современите европски вредности во нашето секојдневие и нив да ги практикуваме. Не само на зборови туку и со дела, со видливи резултати за секој граѓанин да препознае дека се менуваме, со понуда за иднина за секој млад човек.“

Објаснувајќи го процесот на пристапните преговори со Европската Унија, вицепремиерот Димитров се осврна на неколку клучни столбови како новата Методологија, ИПА 3 и Економско-инвестицискиот план: „Новата Методологија за преговори, новата генерација на претпристапна помош ИПА 3 и неодамна објавениот Економско-инвестициски план – 9 милијарди евра грантови за регионот – се шанса што мора да ја искористиме. Тие внесуваат поголема динамика и можност побрзо да се напредува ако навистина испорачуваме резултати.

„Можноста да се отворат симултано кластери во кои се групирани по 8-9 поглавја, поврзани со конкретна помош обезбедена преку ИПА 3, повикуваат на масовна мобилизација, искористување на потенцијалот кој го имаме во администрацијата, но и вклучување на нови млади кадри. Новата Методологија наметнува и потреба од прилагодување на Преговарачката структура, нејзино поедноставување, операционализација и зголемување на ефикасноста и ефективноста. “ – посочи Димитров нагласувајќи дека како главниот преговарач и СЕП како Секретаријат на целокупната преговарачка структура, ќе бидат моторот на овој процес.

Зборувајќи за преводот на европското право на македонски јазик како една од обврските за време на процесот, Димитров потенцираше дека македонскиот јазик е камен темелник на идентитетот на македонскиот народ.

„Во градењето европски идентитет, повеќејазичноста гарантира еднаквост на сите граѓани на Европската Унија. Во согласност со оваа политика за јазична еднаквост и македонскиот јазик ќе ужива статус на еднаков и официјален јазик на Унијата, тогаш кога Северна Македонија ќе стане полноправна членка.“.

Во однос на одржувањето на Првата меѓувладина конференција со ЕУ за време на германското претседателство и предизвиците со соседна Бугарија во тој контекст, ЗПВ Димитров рече:

„Не е тајна дека заедно со германското претседателство работиме првата меѓувладина конференција да се случи во декември оваа година. Исто така не е тајна дека имаме предизвик со нашите комшии, со соседна Бугарија. Но, јас сум убеден дека сите земји членки се свесни, а особено соседите, дека сме пред многу едноставен избор – или ќе имаме заеднички успех или ќе имаме заеднички дебакл, оти евентуалниот неуспех нема да е само македонски, туку ќе биде и пораз и за европската слика за Бугарија, ама пред сѐ за самата Европа и нејзините основни вредности. Ние се подготвуваме за успешното, победничкото сценарио.“ и објасни дека веднаш по првата меѓувладина конференција ќе се продолжи со скринингот (аналитичкиот преглед на европското право) и тоа со билатерален преглед по кластери и соодветни поглавја.

„Доколку работите се движат според планираната динамика, би можеле да очекуваме до крајот на 2021 година да го отвориме и првиот кластер. Како Влада очекуваме дека со фокус и јасен приоритет и работа, ќе може во текот на нашиот мандат да отвориме близу 80% од поглавјата и да обезбедиме подлога за следната Влада да може успешно да ги затвори преговорите и да резултира со пристапен договор и полноправно членство во Европската Унија.“ – објасни Димитров повикувајќи на дијалог со опозицијата, граѓанското општество и приватниот сектор за остварување на оваа стратешка цел.

„Пристапниот процес за голема и за мала држава е ист, обврските се идентични, прашањето е само дали политички сме целосно спремни безрезервно да се вложиме. Ние сме подготвени и ги повикувам и очекувам од сите мои колеги во Владата и институциите, целата администрација и сите други општествени чинители, да се вложат во иднината на нашата држава. Да одиме напред, таму каде припаѓаме. Да си ја донесеме Европа дома.“ – порача заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, на денешната прес-конференција во контекст на мандатот и мисијата на Секретаријатот за европски прашања.

Извор: Секретаријат за европски прашања