СЕП: ,,Со европско знаење до европската престолнина“ пред Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи на ден 16.05.2019 година го претстави проектот „Со европско знаење до европската престолнина“ пред студентите од Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, заокружувајќи ја со тоа посетата на државните универзитети во земјава во насока на промоција на конкурсот на Секретаријатот за европски прашања, наменет за студентите.  

Вицепремиерот Османи пред студентите направи краток осврт на состобата во европските интеграции, претставувајќи ја сегашната позиција на земјата и тековните подготовки на структурите за преговарање, во насока на очекувањата за почеток на преговорите со Европската Унија оваа година. Притоа Османи ги поттикна студентите проактивно да се вклучат во креирањето на европската иднина на земјава, посочувајќи им дека токму во нив ги гледа идните вработени во домашните институции и институциите на ЕУ, кои работат на европската интеграција.

„Сите слоеви од општеството сметам дека е важно да се вклучат во подготвувањето на нашето општество за трансформација која ни претстои, согласно европските правила, стандарди и вредности, а тука пред сè мислам на вашето вклучување како академски граѓани кои во иднина треба да ја преземат одговорноста за спроведување на овие процеси“, истакна Вицепремиерот Османи, посочувајќи на сѐ поголемата важност во познавањето на европските процеси, знаења кои во моментов се дефицитарни во државава.

Во наредните денови, студентите кои ќе учествуваат на конкурсот за есеи се очекува да ги достават своите трудови до менторите, а потоа ќе следува и прогласувањето на победниците кои ќе патуваат на тридневна студиска посета на европската престолнина, Брисел.

Извор: Секретаријат за европски прашања