СЕП: В.П Османи – Постојано да работиме и да ги негуваме стабилните меѓуетничките односи

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, на ден 25.04.2019 година оствари средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, на која беа разменете информации и мислења за повеќе актуелни теми.

„Инцидентот со упадот во Исламската верска заедница претставува срамен чин кој ја загрозува секуларноста на земјата и уставно загарантираната автономија на верските заедници во Република Северна Македонија, и очекувам од Владата но и од останатите институции да преземат активности со кои ќе ја заштитат независноста на ИВЗ“, истакна Османи, посочувајќи дека ваквите инциденти со сигурност негативно ќе влијаат на стабилните меѓуетнички односи, кои претставуваат плод на долгогодишен труд и внимателно однесување.”

Во моментов меѓуетничките односи се стабилни и цврсти, и на тоа сме особено горди, но тоа не е нешто што треба да се зема здраво за готово, туку напротив, мораме активно да работиме на нивното одржување“ – истакна Османи.

Во продолжение, Османи и Која разговараа за можностите од остварување на проектот за статистичка и квалитативна анализа на судските одлуки, со кои би се утврдила објективноста на пресудите соодветно на етничката припадност на обвинетите, како мериторен начин за одредување на објективноста и неселективноста во работата на судовите.

Проектот предвидува стручна статистичка анализа, каде предмет на обработка би биле исти и слични случаи на обвиненија, при што би се анализирале висините на пресудите и нивната статистичка корелација соодветно на етничката припадност на обвинетите.

Овие проекти имаат исклучителна успешност во утврдување на евентуалните наклонетости и субјективизам на судската фела ви современите општества, како основа за адресирање на овие прашања објективно и без предрасуди.

На крајот, Османи и Која изразија задоволство од начинот на кој беше организиран и спроведен првиот круг на изборите, изразувајќи очекување дека овој успех ќе се повтори и во вториот круг, со што изборите во целост ќе ја рефлектираат демократската и политичка зрелост на државата.

Извор: Секретаријат за европски прашања