СЕП:Димитров ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денес ја потпиша Рамковната спогодба за превод на правото на ЕУ (acquis) како еден од најважните предуслови на Северна Македонија за членство во Европската Унија. На свеченото потпишување во Владата на Република Северна Македонија присуствуваа претставниците на економските оператори на кои претставничките од СЕП, државната секретарка Калинка Габер и раководителката на секторот за подготовка на националната верзија на acquis (правото на ЕУ) Слаѓана Ангелова, им ги предадоа копиите од Рамковната спогодба.

Во воведното обраќање, вицепремиерот Димитров нагласи дека acquis, или правото на Европската Унија, е корпус на заеднички права и обврски што се обврзувачки за сите земји членки на ЕУ, а земјите кандидатки мора да го транспонираат во националното законодавство како темел на европската интеграција.

ЗПВ Димитров„Ако овој термин, acquis, во корените на своето значење од францускиот јазик, всушност претставува „знаење, стекнато право или наследство“, преку неговиот превод на македонски јазик ние создаваме наследство за нашата иднина и иднината на нашите поколенија. Наследство кое значи дека македонскиот јазик ќе стане рамноправен член во семејството на Европската Унија.“

Транскрипт од обраќањето на ЗПВ Димитров

Тој нагласи дека СЕП интензивно започнува со една од фазите на транспозиција на правото на ЕУ во националното законодавство, а тоа е преводот, кој во случајов ќе биде многугодишен и најобемно реализиран превод воопшто во историјата на специјализираниот превод кај нас. За таа цел, по пат на јавна набавка и транспарентно, врз основа на еднаков третман беа избрани 15 економски оператори за превод, кои ќе треба да испорачаат најквалитетни резултати во контекст на превод на правото на ЕУ.

ЗПВ Димитров: „Со отпочнување на овој процес на преводот на правото на ЕУ, СЕП не само што ќе го раздвижи развојот на економските оператори за преведување и нивното усовршување, туку развојот и зрелоста на овој долгогодишен проект ќе бидат тесно испреплетени со нашата политика и заложба за развој на македонскиот јазик и терминологија. Затоа што, во коренот на нашиот јазик лежи и нашиот идентитет и тие две одлики мора соодветно да се негуваат и да се сочуваат со широк приод и мудри политики.“

Извор: Секретаријат за европски прашања