СЕП:В.П Османи- Косово и Северна Македонија интензивно се поврзуваат

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања,  Бујар Османи, заедно со Заменик претседателот на Владата на Република Косово, Енвер Хоџај, го посетија местото каде се вршат градежните активности на стратешкиот проект Белановце – Станчиќ, каде извршија увид во градежните работи и напредокот на проектот.

„Овој објект е буквално заеднички објект на двете држави, и претставуваше посебен административно изведбен предизвик, имајќи предвид дека за неговата реализација мораше да се усогласуваат правилата на двете држави“, истакна Османи, додавајќи дека проектот е финансиран преку ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Косово во износ од 1.200.000 евра, чија изведба е усогласена и со правилата и стандардите кои ги наложува Европската Унија.

„Токму затоа овој проект, покрај неговата економска и административна намена, има и длабока политичка димензија, укажувајќи на добрите односи и довербата на двата соседи“ истакна Османи, посочувајќи и на останатите проекти кои се реализираат во насока на унапредување на меѓусебната комуникација од двете страни на границата.

„Да потсетам, дека за овој премин претходно го изградивме патот од село Опае до Белановце во должина од 16 километри; пред неполни две недели се отвори и автопатот ‘Арбен Џафери’ од Приштина до границата со Северна Македонија; наскоро ќе започне да се гради и делот во Северна Македонија до Скопје, со што главните градови на двете земји ќе бидат оддалечени само 40 километри“ подвлече Османи.

Извор: Секретаријат за европски прашања