ССМ: Активности на ССМ во време на КОВИД 19

Во услови на здравствена криза предизвикана од вирусот Корона, социјалниот дијалог овозможи вклученост на ССМ во креирањето на мерките и активностите за одржување на економското и општественото функционирање на државата. При тоа основна цел на делувањето на  ССМ беше да се  задржат работните места  и ниту еден работник да не остане без егзистенција за себе и своето семејство. Задача на сите општествени чинители е во овие сложени услови да се вклучат сите субјекти во државата за да се обезбеди нејзиното функционирање и при тоа  не смее да се дозволи негативните последици од здравствената криза да ги почувствуваат само работниците и нивните семејства.

Од почетокот на здравствената криза ССМ редовно одржува средби со претставници на Владата и одделни министерства што покажува дека партнерскиот однос со Владата е основа за наше делување. На одржаните средби  со премиерот на Владата и претставници на одделни министерства, позитивно беше оценет социјалниот дијалог во Државата и придонесот на ССМ во истиот. При тоа на средбите со Владата претставниците на ССМ беа децидни дека се залагаат и инсистираат на отчетност и одговорност на сите социјални партнери за реализација и имплементација на договорените обврски во насока на унапредување на работничките права.

Правна заштита

ССМ континуирано одржува средби со претставници на Државниот инспекторат за труд, граѓанскиот сектор и претставници на компаниите и на тој начин спогодбено беа остварени голем број работнички права. 

Во таа смисла за одбележување е дека по пат на преговори, со помош на ССМ потпишана е спогодба за исплата на заостанатите плати на вработените во АД Баргала Штип.

Исто така значајна за одбележување е средбата на ССМ и Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија кој функционира во рамките на синдикат во ССМ, со претставници на Владата  на која беше договорена исплатата на платите и додатоците на плата на пожарникарите почнувајќи од месец ноември оваа година, воедно на средбата беа договорени и активности за  системско уредување на прашањето на платите на работниците од оваа сериозна и важна дејност, по пат на  законски измени и доуредување со Колективен договор.

Од почетокот на здравствената криза, правната служба на ССМ по пат на совети, изготвени правни мислења, толкувања, изготвени приговори, тужби и директно постапување пред надлежните органи обезбеди заштита на работничките права во компании кои вработуваат над 80.000 вработени.

Обраќањата на нашето членство во овој период од почетокот на здравствената криза се однесуваа на: откази, притисоци врз работниците за потпишување на спогодбени откази, трансформација на работниот однос од неодредено на одредено време, намалени плати  намалување на платата или упатување на принуден одмор на лицата хронично болни и лица кои се грижат за деца до 10 години. Евидентирани се голем број обраќања за прекинување на договорите за дело, предвремено прекинување на договори за вработување на определено време  и  непријавена работа.

Голем дел од обраќањата се од работници кои не се синдикално организирани со што се оневозможува делувањето на ССМ. Големиот број на обраќања од работници кои не се членови на синдикат и во овие сложени здравствени услови уште еднаш го потенцираше значењето и неопходноста од синдикално организирање и функционирање.

Социјален дијалог

ССМ со свои иницијативи и предлози учествуваше во креирањето на трите пакет мерки кои беа донесени од Владата во насока на намалување на штетните последици од здравствената криза во Државата.

Во таа смисла со инцијативите  и  предлозите на ССМ се обезбеди:

  • континуирана финансиска поддршка на Владата  на стопанството со приоритет на задржување на работните места и исплата на платата на вработените
  • поефикасна грижа и заштита за граѓаните од последиците од заразната болест со посебен акцент на ранливите категории на населението

Предлозите и иницијативите на ССМ беа насочени и во правец на обезбедување на  здрави и безбедни услови за работа во компаниите, спроведување на ефикасен образовен процес со целосна заштита на здравјето на децата и младите кои се нашата иднина и унапредување и организирање  на јавниот здравствен систем согласно светските тенденции.

За ССМ, заштитата на работничките и човековите права, се приоритет, многу активности преземени пред почетокот на здравствената криза, а се во насока на унапредување на работничките права , беа стопирани поради приоритетите кои ги наметна заразната болест, но сметаме дека е време да се продолжат затоа што се нераскинлив дел од целокупниот ангажман за демократизација на државата и почитување на правата на сите без дискриминација.

Се залагаме за продолжување на  социјалниот дијалог на сите нивоа  со максимално можно темпо во овие сложени услови во правец на

Донесување на нов Закон за работните односи

Во текот на месец ноември оваа година одржани се неколку онлајн средби на социјалните партнери (претставници на ОРМ, МТСП и ССМ), на кои се водат преговори во врска со текстот на новиот ЗРО.

Преговорите се се уште во тек, а службите на ССМ благовремено ги известуваат синдикатите во состав на ССМ за нивно целосно информирање како и можност за активно учество по пат на доставување на предлози и забелешки.

Став на ССМ е дека новиот Закон за работните односи треба да ги содржи европските и светските тенденции во работно правните односи и во истиот ССМ се залага за:

  • договори за вработување на определено време само во исклучителни објективни услови и со траење до 1 година
  • 38 часовна работна недела,
  • породилно отсуство во траење од 12 месеци,
  • доследно почитување на правото за уредување на плата со закон и КД
  • целосно остварување на правото на годишен одмор
  • недела ден  на неделен одмор
  • унапредување на здравите и безбедни услови за работа во компаниите.
  • почитување на конвенциите за слобода на синдикално организирање и функционирање
  • Работодавачот да биде должен да ги отпочне преговорите во рок од 30 дена од доставен писмен предлог на Колективен договор на ниво на работодавач од страна на синдикатот.
  • унапредување на колективното договарање (потпишување на ОКД за приватен сектор  и за јавен сектор) и социјалниот дијалог на сите нивоа затоа што не може да се одлучува за нашите права без нас.

Регулирање на правото недела да биде  неработен ден за сите работници

Иницијативата на ССМ за законско уредување на правото недела да биде неработен ден за сите работници е прифатена од Владата и за истата треба да се дискутира и преговара во наредниот период.

При покренување на иницијативата ССМ поаѓаше од потребата за заштита и унапредување на семејните вредности и обезбедување на баланс помеѓу работата и семејството, како и потребата и грижата за заштита на здравјето на работниците и граѓаните.

ССМ како единствен репрезентативен синдикат во државата очекува да биде целосно информиран за ставот на Владата по оваа наша иницијатива за да дадеме конструктивен придонес во нејзиното конечно оформување.

Потпишување на општите колективни договори за јавен и приватен сектор ,потпишување и продолжување на важењето на КД на ниво на дејност и работодавач

Минатата 2019 година ССМ изготви текст на нов ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството и го достави до ОРМ. Согласно актуелноста на потребата која се наметна за побрзо уредување со ОКД на правата на работниците кои работат од дома, како и за регулирање на боледувањето на лицата заболени или изложени на вирусот Корона, во текот на месец ноември 2020, ССМ изготви текст на предлог спогодба за измена и дополнување на ОКД за приватниот сектор од областа на стопанството во која беа предложени попрецизни одредби за регулирање на институтот – работа од дома, како и одредба за исплата на 100% боледување за лицата болни или во изолација поради изложеност на вирусот Корона. Очекуваме претставниците на ОРМ да се произнесат за предлогот на ССМ.

Исто така ССМ постојано  ја потенцира потребата од потпишување на ОКД за јавен сектор  и потпишување, односно продолжување на важењето на КД на дејност.

Воведување на повеќе услови за пензионирање во Законот за пензиско и инвалидско осигурување

Барањето за уредување на право на пензионирање по повеќе основи, ССМ го истакнува повеќе години наназад. Предлозите на ССМ се во правец на тоа покрај  старосна пензија  по навршување на одредена возраст, да се овозможи старосна пензија и по основ на стаж, предвремена старосна пензија , воведување на бенефициран стаж за  градежните работници, како и во други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови за работа кои штетно се однесуваат на животот и здравјето на работниците.

ССМ ги следи најавите и предлозите на Владата  измени во пензиската регулатива, по кои ССМ ќе има можност да се произнесе на ЕСС.

Здрави и безбедни услови за работа и Заштита на работниците кои се заболени, во изолација или самоизолација поради КОВИД -19

Здравствената криза го потенцира значењето на потребата од унапредување на здравите и безбедни услови за работа во компаниите. ССМ презема активности за целосно информирање на работниците дека работодавачите се должни да обезбедат работата во компаниите да биде организирана, покрај другото и согласно протоколите на државата за заштита на работниците од Ковид 19, преку обезбедување на маски, организирање на физичка дистанца во канцелариите, обезбедување на средства за засилена хигиена во објектите и сл. Наша цел е да ги обучиме работниците дека се должни да ги почитуваат преземените мерки за заштита, а доколку пропишаните мерки за БЗР не им се обезбедени треба да реагираат преку своите претставници за БЗР или синдикални претставници до работодавачот или до Државниот инспекторат за труд.

Поаѓајќи од тешката егзистенцијална состојба во која од почетокот на здравствената криза предизвикана од Корона вирусот, се најдоа голем број на работници со тоа што се заразија вршејќи ги своите работни задачи, односно им беше определена изолација како резултат на изложеноста на вирусот пред се на работните места, Сојузот на синдикатите на Македонија предложи и побара во Правилникот за листа на професионалните болести, Ковид 19 да се смета како професионална болест, не само за здравствените работници, туку и за работниците од други дејности вработени во институции на работни места каде е можен контакт и изложеност на Ковид 19.

Во активностите за сузбивање на заразната болест Ковид 19, покрај здравствените работници учествуваат и голем број работници од други дејности и институции и заради начелото на еднаквост, рамноправност и еднаква достапност на правото за сите, заболувањето од Ковид 19 кај сите работници изложени на вирусот треба да се третира  како професионална болест со право на 100% надомест на плата.

ССМ иницираше да се преземат активности за целосна реализација на правото на надомест на плата во висина од 100% од законската основица за работниците заболени или во изолација поради изложеност на вирусот. Во текот на преговорите изразивме задоволство затоа што наидовме на разбирање и конструктивен дијалог со Владата, односно добивме цврсто уверување дека ова наше барање ќе биде целосно уважено затоа што здравјето на работниците и граѓаните е приоритет на државата.

Согласно договореното, Владата на својата седница одржана на 3.11.2020 донесе заклучок за исплата на 100% боледување за вработените болни или во изолација од вирусот Корона и истиот ни беше доставен во ССМ.

Подоцна на седницата одржана на 17.11.2020 година е дадено известување дека за вработените болни или изложени на вирусот ќе се исплатуваат боледувања согласно закон и колективен договор, што според сегашните одредби значи намален износ на плата за време на боледување.

ССМ повторно се обрати до надлежните институции во државата и побара Владата да го преиспита својот став за исплата на надомест на плата за време на боледување во намален износ и да  го прифати барањето на ССМ за исплата на надомест на плата во висина од 100% за сите вработени кои се болни или во изолација поради изложеност на вирусот Ковид, во интерес на заштита на здравјето и животот на работниците и намалување и спречување на ширење на вирусот. Целта ни е на  работниците да им се обезбедат финансиски средства и можности за да го зачуваат своето и здравјето на своите семејства и да можат по  опоравувањето да се вратат на работа на своите работни места. Ова може да се стори со соодветни законски измени кои треба да се реализираат во најкус можен рок, затоа што состојбата е алармантна.

Во услови на прогласена кризна состојба, работниците и граѓаните не смеат да бидат оставени сами на себе, Владата мора да покаже дека грижата за човечките животи се нејзин приоритет од кој нема отстапување.

Зголемување на минимална плата

Сојузот на синдикатите на Македонија во континуитет се залага и бара зголемување на минималната плата која согласно Европските препораки и тенденции треба да изнесува  најмалку 60 % од просечната плата во државата, а се со цел подобрување на стандардот на работниците со најниски плати и на нивните семејства, а  зголемувањето на минималната плата треба да биде основа за скалесто зголемување на платите на работниците.

Сите овие активности кои ги спроведува ССМ во овој период покажуваат дека социјалниот дијалог ја остварува својата функција, при тоа ССМ е отворен за соработка со Владата, претставниците на работодавачите, другите синдикати, невладиниот сектор, научната и стручната јавност во насока на подобрување на положбата на работниците и граѓаните. Здравствената криза недвосмислено покажа дека само интегриран пристап на сите чинители во општеството може да резултира ефикасност. Поради тоа ССМ будно  ги следи општествените збиднувања и развојот на настаните и согласно потребите, предлага решенија за заштита на животот и здравјето на работниците и остварување на нивните права и обврски. Очекуваме редовни средби со претставниците на Владата, каде ќе се промовираат иницијативи и предлози за унапредување на работничките и човековите права, но и средби каде ќе се разгледува што е реализирано со која динамика и квалитет.

Спроведување на Кампања за подигнување на свесноста кај младите луѓе за улогата и значењето на синдикатот во општеството

Сојузот на синдикатите на Македонија и Секцијата на млади на ССМ, започнаа кампања “Приближи го синдикатот до младите луѓе“ со цел подобро запознавање на младите луѓе со нивните права од работен однос и приближување на синдикатот до нив, преку градење на идејата за солидарност, заедништво и заедничка борба за подобра иднина.

Оваа Кампања е соработка помеѓу младинските структури на најголемите синдикални сојузи во Република С. Македонија и Романија (Сојузот на синдикатите на Македонија и C.N.S.L.R. Frăția), со придонес на младинската мрежа на PODKREPA, Бугарија, а e финансиски поддржан од Фондацијата Фридрих Еберт.

Во време на светска здравствена и економска криза, се покажа уште еднаш дека младите луѓе, како во нашата земја, така и во останатите европски земји се соочуваат со огромен број на проблеми и предизвици кога станува збор за нивните права од работен однос. Според информациите кои ги имаме, во нашата земја од почеток на здравствената криза, 35.318 луѓе останаа без работа, а речиси 34% од нив се млади лица под 29 години, што претставува загрижувачка ситуација, имајќи го предвид фактот дека најголем дел од младите кои го загубиле своето работно место имале договори за вработување на определено работно време и истите не биле синдикално организирани.

За таа цел, преку оваа Кампања ја подигнуваме свесноста за значењето и улогата на синдикатите во одбрана на работничките права, како една од единствените легитимни организации на сите вработени.

Активноста се спроведува во рамките на кампањата ПРАВНА ЗАШТИТА – СИГУРНОСТ НА РАБОТНИЧКИТЕ ПРАВА за подигнување на свесноста кај работниците и зајакнување на капацитетите на ССМ, со поддршка од Проектот: Strengthening Social Dialogue/Зајакнување на социјалниот дијалог, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Меѓународната организација на трудот.

Извор: Сојуз на синдикати на Македонија