ССМ: Соопштение

ССМ: Помошта за плати да продолжи, а УЈП да набави нов софтвер за да оди на сметките на вработените

Помошта за плати на вработените да продолжи и наредната година, ќе побара Сојузот на синдикатите на Македонија од Владата.

Претседателот на ССМ Дарко Димовски за весникот ВЕЧЕР вели дека исто така ќе се бара да продолжи и помошта за фирмите погодени од кризата, а посебни мерки да има за помош на угостителскиот сектор кој е најпогоден и практично затворен.

Преговараме со Сојузот на стопански комори и наскоро на Владата ќе ѝ предложиме мерки. По многуте злоупотреби што ги правеа работодавците ќе бараме помошта за плати да се уплатува директно на сметките на работниците. Комунициравме и со Управата за јавни приходи. Конечно ќе мораат да обезбедат нов софтвер кој ќе овозможи парите за плата што ќе ги дава државата работниците да ја добиваат директно, вели Димовски.

Тој информира дека сè уште заедно со бизнисот ја креираат мерката што би ја предложиле за спас на угостителскиот сектор и наскоро ќе објават што бараат од Владата.

Помошта за плати на работниците и на компаниите како дел од четвртиот пакет антикризни мерки истекува на крајот на годината. Државата обезбеди средства за исплата на октомвриската и ноемвриската плата, а на почетокот на јануари треба да ги префрли парите и за декемвриската плата. Ваква помош беше обезбедена на барање на Сојузот на синдикатите на Македонија и со претходниот пакет мерки и компаниите ја добија за априлската, мајската и јунската плата на вработените.

ССМ предупредуваше и што се потврди и во двата наврата УЈП откри злоупотреби, односно работодавачи кои наместо да ја префрлат на сметките на работниците си ја задржале за себе.

Повеќе на следниот линк

https://www.vecer.press/%D1%81%D1%81%D0%BC-%D0%BF%D0%BE…/

Извор: Сојуз на синдикати на Македонија