Влада: Финансиска помош и начини за ублажување на социо-економските последици од коронавирусот

Еврокомесарот за соседска политика и проширување на Европската Унија, Оливер Вархеји, денеска со писмо го информираше претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски дека тој веќе издал инструкции четири милиони евра од инструментите за ЕУ интеграција да бидат пренасочени за итни потреби на Северна Македонија.

Вархеји во писмото наведува дека се разгледува начин наградата за успешност од 50 милиони евра за државата првично наменета за инфраструктура и животна средина, да биде пренаменета за ублажување на социјално и економско штети предизвикани од кризата.

Еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји истакнува дека во итна процедура е ставена постапката за доделување 9 милиони евра за поддршка на ликвидноста на малите и средни компании, а 3 милиони евра ќе бидат наменети за директна буџетска поддршка.

Вархеји во писмото до премиерот Спасовски наведува дека во период кога Европа и светот се соочуваат со криза предизвикана од пандемија на вирусот КОВИД-19, во соработка со меѓународните финансиски институции се разработуваат проекти за ублажување на финансиските проблеми и менаџирање на кризата во Република Северна Македонија и во регионот.

Еврокомесарот Вархеји во писмото информира дека во соработка со Советот за регионална соработка, Секретаријатите на ЦЕФТА и на Транспортната заедница се утврдуваат начините за непречен транспорт на стоки во регионот и во Европската Унија.

Извор: Влада