Влада: Се уништува огромната количина гранати од Првата светска војна

Денес се спроведе втората акцијата за уништување на неексплодираните убојни средства, артилериски гранати 75 мм, пронајдени и отстранети од Битола, кои датираат од Првата Светска Војна. Акцијата, која се одвиваше на Центарот за воена обука „Криволак“, ја спроведуваа пиротехничарите на Дирекцијата за заштита и спасување заедно со пиротехничарите на Министерство за внатрешни работи и на Aрмијата на Република Северна Македонија. 

Станува збор за досега најголема количина која е пронајдена од 12.300 парчиња на артилериски гранати без запалки, кои ќе се уништуваат последователно во повеќе фази до февруари 2021 година.

Она што е од голема важност согласно анализите од лабораторијата „АМБИКОН“ при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, детонациите нема да предизвикаат загадување во пошироката околина на полигонот Криволак.

Директорот на Дирекцијата, Беким Максути истакна дека должност на Дирекцијата, според Закон, е заштита и спасување од неексплодирани убојни средства, што вклучува пребарување, детектирање, уништување на лице место, доколку тоа условите го дозволуваат или транспорт на определена локација, а потоа уништување со строго почитување на безбедносните мерки.

„Работата на пиротехничарите е ценета и вреднувана. За таа цел Владата донесе одлука за еднократна парична награда во висина од 30.000 денари, награда за седумте пиротехничари од Дирекцијата како резултат на нивниот посебен ангажман за пронаоѓање, отстранување и уништување на гранати кои беа пронајдени на 27 октомври во близина на Градскиот стадион во Битола. Акцијата на собирање, складирање и транспорт на истите до полигонот „Криволак“, ја направивме со нашите човечки и материјални ресурси. Кога велам нашите, мислам и на ресурсите на Министерството за одбрана, на Армијата и на Министерството за внатрешни работи, без кои оваа операција ќе беше невозможна. Обединување на сродните служби и ресурси во перспектива ќе придонесе кон градење сеопфатен систем за заштита и безбедност на граѓаните, материјалните добра и природата“, изјави Максути и додаде дека алармирани се и меѓународните партнери кои веднаш ги информираа своите стручните служби кои можат да дадат поддршка во развивање на оваа компонента на цивилна заштита.

Оваа огромна количина на гранати беше пронајдена на 27 октомври годинава за што Дирекцијата врз основа на укажаната потреба достави барање до Министерството за одбрана и за вклучување на пиротехничари на Армијата поради обемноста на активностите за транспорт и уништување на гранатите, а се информирани и меѓународните претставници од ОБСЕ, НАТО и ЕУ во земјава.

Извор: Влада