Влада: Да ги изгласаме клучните Закони во Собранието

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев на денешниот официјален почеток на изградба на далекуводот Овче Поле-Штип одговарајќи на новинарско прашање рече дека вчерашната потврда за довербата во Владата, носи и одговорност да се одблокира работата на Собранието каде што се закочени клучни Закони кои се во функција на развој на државата.

„Најважни се Законот за енергетска ефикасност, енергетската ефикасност и заштедата е важна исто колку и инвестициите. Имаме 25 милиони евра за државните институции и 10 милиони евра за општинските институции, тоа значи обновување на детски градинки, со нови фасади, прозорци, системи за греење, обновување на школи, болници, спортски сали и слично. Вториот е 50 милиони евра од Светска банка за земјоделството, за откупни пунктови Струмица, Скопје и Ресен, ама најголемата суштина и придобивка на проектот е зголемување на продуктивноста во земјоделието, како од еден хектар со помалку трошоци да имаме поголемо производство, како да го осовремениме нашето земјоделство. Понатаму третиот проект трамвајот на тркала за Скопје, што чини 70 милиони евра и нема тука потреба од натегање меѓу опозиција и власт. Сите да застанеме, брзо да го реализираме тоа. Да не зборувам за законите од областа на културата, на здравството, од петтиот пакет мерки за помош директно кај граѓаните. Тоа е недозволиво. Нема да дозволам како претседател на Влада блокада во Собранието“, порача Заев.

Премиерот најави дека во наредните денови следат и нови политики, со цел конечна цел, како што рече, поголем напредок, зголемена ефикасност во државата, соработки, инклузија, кооперативнот на ниво на консензус.

Собранието вчера попладне и изгласа доверба на Владата, откако претходно тоа од пратениците усно го побара премиерот Зоран Заев.

Извор: Влада