Влада: Да се посветиме и да работиме за подобро општество како достоен дом за живот на сите граѓани

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на форумот „Две години Влада – одговорно пред граѓаните“ во делот на дебатата која беше фокусирана на концептот „Едно општество за сите“, истакна дека е особено важно тоа што до сега е направено  да биде од непосредна вредност за граѓаните, од директен интерес за секој поединец на нашето општество.

„Насочени сме кон создавање на граѓанско општество,  со граѓаните се во фокусот. Сите сме свесни дека треба и навиките да ги менуваме. Прво, јавната администрација. Ги повикувам сите одговорни лица во администрацијата да видат во фиоките, да ги разгледаат уште еднаш предметите што не ги решиле. Да се најдат решенија. Владата треба да носи одлуки, а Собранието да носи закони во интерес на граѓаните. Бизнис секторот, да носи одлуки за нови инвестиции. Земјоделците сега е момент да ги искористат мерките.

Работниците мора да ја подигнат продуктивноста. Не може повеќе да се бараат заобиколни начини. Судството, треба да носи правда. Лошото минато да не се врати. Сега треба да направиме храбри чекори сите.

Солидарноста мора да биде вградена во се што правиме. Институционалните механизми ги користиме сите за да помогнеме. Мора да водиме грижа кон најсиромашните за да имаме солидарно општество“, нагласи премиерот Заев во дискусијата на форумот со граѓаните и општествените претставници посветен на отчетот за работата на владата во изминатите две години.

Претседателот на Владата на РСМ Заев упати повик до сите да го дадат својот придонес, да се посветат на работење за остварување на подобро општество како достоен дом за живот на сите граѓани. 

„Од сите нас зависи. Целта е сиромаштијата да ја искорениме и да имаат еднакви шанси сите во држава која, со членството во НАТО, и со силните европски перспективи, прави крупен чекор напред“, рече премиерот Заев на дебатата за време на форумот „Две години Влада – одговорно пред граѓаните“.

Извор: Влада