Влада: Договорот за втората инвестиција на компанијата Вик

Германската компанија Вик, која од 2018 година со успех работи во технолошко-индустриската развојна зона во Прилеп, денес потпиша договор за државна помош, со кој се предвидува нова, втора инвестиција на оваа компанија од 2,5 милиони евра и вработување на дополнителни 100 лица. Договорот за државна помош во име на Владата го потпиша вицепремиерот задолжен за економски  прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, додека во име на групацијата Вик го потпиша генералниот менаџер на фабриката во Северна Македонија, Вернер Шоеб.

Вицепремиерот Битиќи информираше дека компанијата Вик, која работи во технолошко – индустриската развојна зона Алинци  во Прилеп, во првиот циклус веќе реализираше инвестиција од 10,5 милиони евра, а во моментот во производните капацитети работат околу 250 лица. 

„Изминатите три години, покажавме дека знаеме како се привлекуваат странски инвестиции, но и како се стимулираат на нови инвестиции домашните компании. Направивме изедначување на критериумите и овозможивме достапност до државна поддршка на сите компании, независно од потеклото на капиталот. Со овој процес не изгуби никој, а добивме сите. Овие денови сме сведоци, дека повеќе компании, домашни и странски, микро, мали, средни, но и големи, состојбата со корона вирусот, ја препознаваат и како можност, се охрабруваат и инвестираат во нови инвестициски проекти. Тоа особено ме радува, затоа што гледаме дека се изнаоѓаат креативни решенија за брзо прилагодување на компаниите на новите околности, но се гледа и стратешкото планирање за активностите во пост-ковид периодот“,  нагласи Битиќи.

Вицепремиерот се осврна и  на вклученоста на Вик во проектот за дуално образование, кој во моментов како пилот проект се имплементира во 7 средни стручни училишта во соработка со 16 компании. 

„Вик е една од компаниите која во средното училиште „Ристе Ристески Ричко“ во Прилеп отвори посебна паралелка за техничар за машинско производство, струка која според анкетите за работна сила е една од најбараните. Во истото тоа училиште, паралелки имаат отворено и други две компании, Гентерм и Витаминка, а наша интенција, како Влада, во  наредните години, ќе биде реформирање на образовниот систем и имплементирање на дуалното образование насекаде во земјата, за да се создаваат млади, обучени и остручени професионални кадри, кои по  завршувањето на образованието, а и за време на истото, ќе може да се вклучат на пазарот  на трудот“, подвлече вицепремиерот Битиќи и ги повика сите компании да инвестираат во дигитализација, во нови технолошки процеси, да иновираат производи и услуги, со што ќе станат поконкурентни и на домашниот, а што е уште поважно на меѓународните пазари.

Генералниот менаџер на фабриката на Вик во Северна Македонија, рече дека Вик групацијата во 2018 година донела одлука да префрли дел од своите производствени процеси од Азија во Северна Македонија, што се покажало како добра одлука.

„Во последната година и половина бевме мошне успешни во производствениот процес и испораката на нашите производи коишто од клиентите се оценети како топ производи. Имавме испорака и квалитет коишто беа екстремно добри, значи имавме екстремно добри резултати. И во кризата предизвикана од коронавирусот Ковид – 19, успеавме да инвестираме во Северна Македонија, да го зголемиме капацитетот и да го надградиме производството и создадеме нови производи коишто ќе се прават во Северна Македонија. Ова е всушност нашата главна цел, да одиме понатаму, да се насочуваме кон европските пазари и кон производи со европски квалитет. Но, ова не е само стратегија на Вик. Ова е јасно барање и желба коешто доаѓа од нашите потрошувачи во Европа. Немавме само релокација на производните погони од Кина во Северна Македонија, туку исто така создадовме нови синџири на набавки. Набавуваме материјали од Северна Македонија, од Бугарија, од Србија и од други места, а преферираме да соработуваме со локалните добавувачи од Северна Македонија“, изјави генералниот менаџер на Вик Македонија, Вернер Шоеб.

Извор: Влада