Влада: Државниот секретар во МНР, Виктор Димовски и Монс. Киро Стојанов, на прес-конференција по повод посетата на Светиот Отец, Папата Франциск во Северна Македонија- Историска посета на државата која се организира на највисоко ниво

По повод апостолската посета на Светиот Отец, Папата Франциск во Република Северна Македонија, денеска во галеријата на НУ „Спомен-куќа на Св. Мајка Тереза“ во Скопје, се одржа прес-конференција на која државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Виктор Димовски и Монс. Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко-скопски епарх, информираа за програмата на претстојната посета.

Државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, Виктор Димовски кој е истовремено и претседател на Организациониот одбор за посетата на Светиот Отец, Папата Франциск во земјата, рече дека соодветно на големината и значењето на оваа посета за земјата и за регионот, Владата и Министерството за надворешни работи, како носители на организациските активности, ќе обезбедат сите кои ќе бидат непосредно вклучени во организацијата на овој настан да бидат на висината на задачите и протоколите кои важат за посетите на Светиот Отец, Папата Франциск, како неспорен првенец и морален авторитет на Денешницата.

„Сакам да напоменам дека со желба за максимално успешна организација на овој исклучително значаен и голем настан, креиравме посебна веб страница, www.papa.mk, на која се објавуваат сите неопходни вести, организациски и сервисни информации од важност за граѓаните и за медиумите. На веб страницата веќе е објавен повик за пријавување за присуство на настаните за граѓани од странство, како и повик за акредитација за странските медиуми. Повиците за пријавување и акредитација за граѓаните на нашата земја и за домашните медиуми ќе бидат објавени деновиве“, истакна државниот секретар во МНР Димовски.

Во име на Организациониот одбор за посетата на Светиот Отец, Папата Франциск во РСМ, државниот секретар Димовски најави средби и брифинзи со новинарите за повеќе детали од интерес на медиумите за организацијата на овој, како што рече, голем настан и од историско значење за земјата и за граѓаните од сите верски и етнички заедници.

Програмата на посетата на Светиот Отец, Папата Франциск и делегацијата на Ватикан, започнува со пристигнување во Скопје на 7 мај, рано претпладне, со церемонија на свечен дочек. Церемонијата за добредојде, со највисоки државнички почести ќе се организира во претседателската вила на Водно, по што ќе следува средбата со претседателот на Република Северна Македонија, Ѓорге Иванов. Светиот Отец Папата Франциск потоа ќе оствари средба со претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, по што ќе следува средба со државниот врв, цивилното општество и дипломатскиот кор во нашата земја. Агендата на посетата на Светиот Отец Папата Франциск потоа предвидува Посета на Спомен куќата на Мајка Тереза со лидерите на верските заедници од нашата земја, како и средба со сиромашни граѓани. Централниот настан, светата миса со која ќе чиноначалствува Светиот Отец Папата Франциск ќе се одржи на плоштадот „Македонија“.

После светата миса, Папата Франциск ќе се упати во катедралата „Пресвето Срце Исусово“, каде што ќе се оствари екуменска и меѓурелигиска средба со претставници на младите од нашата земја и од регионот, кои тој ден ќе бидат во Скопје. Светиот Отец, Папата Франциск потоа ќе има средба и со свештениците и нивните семејства, како и со Богу посветените лица од Католичката Црква во Република Северна Македонија, по што ќе следи официјалното испраќање на делегацијата од аеродромот во Скопје.

На прес-конференцијата, Монс. Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко-скопски епарх, зборуваше за големината и извонредната важност на овој настан и за Црквата и за Државата. Укажувајќи на улогата на медиумите, тој рече дека сите пораки што ќе се слушнат, настаните што ќе се видат, во голем дел ќе зависат и од медиумите за тоа како ќе бидат пласирани во јавноста.

„Не се сомневам во вашата професионалност, квалитетот на известување и вашата максимална ангажираност. Олеснителна околност за нас е моделот на Понтификатот на папата Франциск. Од првиот ден на својот Понтификат извонредно внимание посветува на така наречениот мал човек. Католичката црква, според бројот на верници, во нашата Земја е незначителна, сепак, во свеста на папата Франциск нема незначителни луѓе. Едноставно и таквите сака да ги посети, охрабри и да биде солидарен и со малите заедници на Црквата. Но, тој покрај Поглавар на Црквата е и Државник. Затоа неговата посета е посета на Црквата и Државата“, истакна Монс. Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко-скопски епарх.

За прв пат во историјата, Република Северна Македонија, нејзините граѓани од католичката вероисповед, но и сите други граѓани на земјата, на чело со претседателот и премиерот на Република Северна Македонија, ќе бидат домаќини за време на посетата на Светиот Отец, Папата Франциск и делегацијата на Ватикан.

Извор: Влада

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *