Влада: Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Европа, Пол Мeкарти: Направени се позитивни промени, реформите се видливи, продолжуваме со поддршката

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска, се сретна со директорот на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Европа, Пол Мeкарти, придружен од повеќе претставници на Институтот.

Заблагодарувајќи се за приемот, директорот Мекарти на премиерот Заев му упати честитки за постигнатите позитивни промени во државата, оценувајќи ги како клучни Договорот од Преспа со Грција и заокружувањето на веќе започнатите реформи за остварување на евроатлантските аспирации.

Директорот за Европа на ИРИ, ја оцени како многу добра досегашната соработка со Владата на Република Северна Македонија на повеќе проекти и изрази подготвеност за продолжување на истата, предлагајќи повеќе иницијативи каде може да помогнат експертите на Институтот.

Премиерот Заев, на средбата со претставниците на Меѓународниот републикански институт го истакна пријателството со Соединетите Американски Држави (САД) во однос на стратешките прашања за државата нагласувајќи дека соработката со американските институции и организации е особено важна, за интеграцијата на земјата во НАТО и Европската Унија.

Премиерот Заев на средбата информираше и за актуелниот политички момент во земјата и ја потенцираше заложбата на Владата за остварување инклузивен дијалог со опозицијата и продолжување на реформите во клучните области меѓу кои правосудството, безбедносниот систем, јавната администрација, борбата со корупцијата со цел да се задржи прогресивниот момент за остварување на членството во ЕУ, односно добивање на датум за почеток на преговорите летово.

Соговорниците ја завршија средбата со взаемно уверување дека традиционалната соработка со ИРИ ќе продолжи и беше заклучено дека е добредојдена поддршката и заедничките програми и проекти кои ќе помогнат за уште поголема демократизација на земјата и ќе бидат од полза за развивање на културниот дијалог меѓу политичките партии во Република Северна Македонија.

Извор: Влада