Влада: Модернизацијата и осовременувањето на образовниот систем е цврста определба и врвен приоритет во нашето работење

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, министерот за образование и наука Арбер Адеми и градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, денеска го пуштија во употреба новиот објект на основното училиште „Вера Јоциќ“, во населбата Хиподром.

Истакнувајќи дека објектот е едно од 4-те основни училишта коишто се изградени во последниот период, Премиерот Заев посочи дека в тек изградбата на уште два нови објекти за основни училишта. Паралелно, како што рече Премиерот Заев, се реконструираат 8 стари основни училишта.

„Тоа значи дека некаде преку 4500-тини дечиња само од основното образование следната учебна година ќе ја почнат во нови објекти, во нови училишни клупи. Драго ми е што сите овие капитални инвестиции во образованието ги овозможуваме и ги подобруваме условите во основното образование“, подвлече Премиерот Заев.

Со процесот на изградба на нови и реконструкција на постојните училишта, како што додаде Премиерот Заев, Владата на Северна Македонија и Министерството за образование и наука, со континуиран раст на платите, истовремено ги мотивираат и наставниците уште попосветено да си ја извршуваат својата работа и да внесуваат новини во образовниот процес.

„Со министерот и со стручната јавност, помогнати од меѓународните организации веќе ја отворивме и дебатата за сериозни реформи во основното образование, како и во средното образование. Дебатата е отворена. Веќе и јас имам одредени сугестии, министерот работи со работни групи. Рековме дека не го брзаме процесот заради тоа што навистина сакаме суштинските реформи да бидат прикладни и за времето во коешто живееме, но и за потребите на завршените ученици со нивното образование, за полесно наоѓање на работа“, заклучи Премиерот Заев во изјавата дадена за присутните медиуми.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми пред претставниците на медиумите истакна дека модернизацијата на образованието е цврста определба и врвен приоритет утврден во програма за работа на Владата на Република Северна Македонија.

Имајќи предвид дека интервенција преку санација на постоечките бараки немавме можност да направиме, денеска го пуштаме објектот во употреба. Опфаќа површина од 2125 квадратни метри, со капацитет од 600 ученици, односно по 300 во една смена. Училиштето има приземје, има спрат, подрумски простории, 12 училници, 6 кабинети, простор за наставниците, за библиотека и ги задоволува сите услови и стандарди за реализација на воспитниот образовен процес како што треба, на квалитетен начин. Инвестирањето е околу 60 милиони денари. Конкретно 55 милиони денари објектот и 3,4 милиони денари чини мебелот“, потенцираше министерот Адеми.

Новиот објект на основното училиште „Вера Јоциќ“, како што посочи градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски се отвора на 75-годишнината на патронот на училиштето.

„Комплетниот проект го реализиравме заедно со министерството за образование и наука и нашата соработка продолжува и понатаму, со цел да ја изградиме и спортската сала во истото училиште“, додаде градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски.

Во продолжение интегрално Ви го пренесуваме текстот од изјавата дадена за медиумите на Премиерот Заев.

„Драго ми е што еве денеска сме во посета на пуштање на ова ОУ Вера Јоциќ, кое што претставува нов објект, еден од многуте објекти коишто се градат во државата. Тоа е едно од 4-те основни училишта коишто се изградени во последниот период. 

Дополнително, покрај овие 4, во тек е изградба на уште 2 нови. Заедно со министерот договаравме да ги посетиме, за да ја забрзаме динамиката на нивната изградба, во текот на летото. 

Посебно ми е драго што овде старите објекти, бараките коишто беа повеќе од 40 години, конечно ќе бидат заменети со овој прекрасен простор за учење на основците, на основно одделенците, каде што во овој објект буквално ќе учат повеќе од 520 дечиња. 

Драго ми е што сите овие капитални инвестиции во образованието ги овозможуваме и ги подобруваме условите во основното образование. Инвестираме паралелно во спортските сали, коишто многу често се комплементарен дел на основните и на средните училишта. 

Но секако се реконструираат и многу стари училиште. Во моментот се реконструираат 8 стари основни училишта. Тоа значи дека некаде преку 4500-тини дечиња само од основното образование следната учебна година ќе ја почнат во нови објекти, во нови училишни клупи. 

Паралелно со тоа знаете дека, секоја година се трудиме да ги мотивираме наставниците, преку порастот на платите. А со министерот и со стручната јавност, помогнати од меѓународните организации веќе ја отворивме и дебатата за сериозни реформи во основното образование, како и во средното образование. Дебатата е отворена. Веќе и јас имам одредени сугестии, министерот работи со работни групи. 

Рековме дека не го брзаме процесот заради тоа што навистина сакаме суштинските реформи да бидат прикладни и за времето во коешто живееме, но и за потребите на завршените ученици со нивното образование, за полесно наоѓање на работа. 

Верувам дека ќе успееме во сите овие реформски процеси во нашето образование, заради тоа што образованието е високо на агендата на очекувањата на граѓаните. Верувам дека со ваквите постапки, со финансиската стабилност на државата се повеќе и повеќе ќе имаме задоволство кај граѓаните“.

Извор: Влада