Влада: Овој настан е реализација на неуморната работа на нашите институции, на професионалците од одбраната

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, со пригодни обраќања, го отворија работниот дел од заедничкиот состанок на Северноатлантскиот совет и на Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО.

Премиерот Заев во своето обраќање пред амбасадорите на земјите членки на НАТО, и претставници во Северноатлантскиот Совет, истакна дека одржувањето на овој состанок е посебна чест и привилегија за Северна Македонија, и дека присуството на амбасадорите во Скопје е најсилната политичка потврда за нашето извесно полноправно членство во НАТО.

Ова е реализација на напорите и стремежите на сите генерации на политичари од различни партии и на сите граѓани од независноста до денес. Ова е резултат на неуморната работа на нашите институции, на професионалците од одбраната и безбедноста, но и од сите други институции во државата. Ова е резултат, не помалку и благодарение на значајниот придонес на невладинитите организации, медиумите, бизнис заедницата и на секој еден поединец кој се надевал, верувал и се борел за нашата држава еден ден да го заземе своето заслужено место во Евро-Атлантското семејство на народи“, нагласи премиерот Заев во своето обраќање на состанокот на Северноатлантскиот совет и на Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО.

Премиерот Заев потенцираше дека земјата влегува во финалната етапа од нашата интеграција во НАТО, со широк надпартиски и меѓуетнички консензус за нашето членство во алијансата, и со силна политичка волја откако Северна Македонија ја обнови демократијата и ги врати демократските начела, кои се темелот на НАТО, како што се владеењето на правото, професионални и независни институции и слободни медиуми.

Претседателот на Владата на РСМ Заев истакна дека земјата ги затвори сите отворени прашања со нашите соседи и со историските договори со Бугарија и Грција ги надмина недоразбирањата од минатото со земјите со кои за брзо време ќе бидеме блиски сојузници во НАТО. 

Премиерот Заев информираше дека Владата е цврсто решена да го зголемува буџетот за одбрана за најмалку 0.2% од БДП секоја година, со цел да достигнеме 2% од БДП најдоцна до 2024 година. Средствата ќе бидат искористени за модернизација на армијата, но и за зголемување на нашите индивидуални способности согласно нашите планови и стратешките приоритети на НАТО. 

„Сакам да ве уверам дека нашата национална структура за интеграција во НАТО неуморно работи на постигнување на неопходните резултати во согласност со Програмата за продолжување на реформи. Спремни сме да го заземе нашето заслужено место како полноправна членка на НАТО“ нагласи во своето обраќање на отворањето на работниот дел на состанокот на Северноатлантскиот совет и на Комитетот за интеграција на Република Северна Македонија во НАТО, и додаде дека аспирациите на земјата да стане полноправна членка и на ЕУ се од огромно позитивно значење за мирот и безбедноста во Република Северна Македонија, но и за поширокиот регион.

Извор: Влада