Влада: Премиерот Заев – Европа го слави нашиот успех, време е за одговорни чекори за Северна Македонија и за Западен Балкан

Само што се вратив од Берлин каде заедно со вицепремиерот Бујар Османи и со министерот за надворешни работи Никола Димитров ја претставувавме Северна Македонија на Конференцијата за Западен Балкан во Берлин, во организација на канцеларката Меркел и на претседателот Макрон.

Првиот, најважен и најмногу нагласуван заклучок е дека успешниот договор што го постигнавме со Грција е модел за решавање отворени прашања и конфликти.

Нашата земја и Договорот беа инспирација за почетокот и крајот на речиси секоја дискусија на Конференцијата со заклучок дека соработката и стабилноста се суштината на заедничката европска перспектива на регионот.

Меѓу заклучоците беше потенцирана и важноста од постигнување конечен договор за целосно нормализирање на односите меѓу Србија и Косово како нов важен придонес кон регионалната стабилност.

На Конференцијата исто така се договоривме да ги интензивираме активностите за основање регионална економска зона, да останеме посветени на Берлинскиот процес и да ги поддржиме иницијативите за инфраструктурна поврзаност, економска соработка, слободна трговија и младински размени во регионот. 

Иако проширувањето на Унијата не беше тема на Конференцијата, ги искористивме сите можности да ја испратиме нашата порака, а тоа е пораката на нашите граѓани до Европа, дека сме подготвени да придонесуваме уште повеќе и да бидеме јадрото на Балканот од кое извира европската идеја за заедништво, солидарност и соработка.

Порачавме дека стабилноста и реформите кои ги испорачуваме мора да бидат разбрани како сериозни аргументи за позитивна одлука од страна на Европската Унија за почеток на преговорите со Северна Македонија во текот на летото.

Презедовме одговорност за себе и за регионот. Сега е време и Европската Унија да преземе одговорни чекори за Северна Македонија и за Западен Балкан, што впрочем ќе значи и одговорност кон сопствените европски народи. 

Во духот на соработката и интеграцијата, сега е неопходно и Унијата да испорача бидејќи европската идеја за сојузништво на различностите бара постојана грижа за себе и за другиот.

Почитувани граѓани, бидете горди. Европа го слави успехот на нашата земја, а тоа е заеднички успех на сите вас. Да продолжиме на патот кон заедништвото со сите народи од Балканот и од Европа, до конечна реализација на европската идеја за обединување и до конечна реализација на нашата идеја за едно општество во кое секој граѓанин е важен и почитуван.

Извор: Влада