Влада : Премиерот Заев и Генералниот Секретар на НАТО Столтенберг- Со охрабрувањето за реформскиот процес во земјата и со признанието за придонесот за стабилноста и безбедноста Република Северна Македонија создава позитивна слика за регионот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев работната посета на Кралството Белгија денеска ја заврши со средба со Генералниот Секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во седиштето на Алијансата, во Брисел. На средбата присуствуваа и заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска. 

На средбата Премиерот Заев истакна дека Република Северна Македонија, во изминатиов период ја покажа својата посветеност и силна заложба во земјата, но и во целиот регион да се зголеми безбедноста и стабилноста. „Сите сте сведоци дека само за година и половина, со решавање на клучните предизвици за иднината на нашето општество и нашата земја, Владата успеа да ја врати земјата на вистинскиот пат, на патот на евро – атлантските интеграции“, потенцираше Премиерот Заев.  

Генералниот Секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на средбата му честиташе на Премиерот Заев за успехот со договорот од Преспа и неговата имплементација

По средбата Премиерот Заев и секретарот Столтенберг одржаа заедничка прес-конференција. 

Истакнувајќи дека ова е негова прва посета на НАТО по потпишувањето на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во Алијансата, Премиерот Заев потенцираше дека земјата постигна една од стратешките заложби, секако со поддршка со партнерите и пријателите во НАТО.

„Во нашата земја многу генерации напорно работеа на остварувањето на оваа наша историска цел и достигнување. Нашите аспирации за членство во НАТО секогаш имале висок степен на одобрување и поддршка од најширокиот спектар на нашето општество. Така е и денес“, рече Премиерот Заев.

Членството во НАТО, како што истакна Премиерот Заев, за Република Северна Македонија отвора нова и безбедна перспектива, но, како што додаде Премиерот Заев носи и нови обврски и одговорности, коишто Република Северна Македонија, наскоро како полноправна членка на Алијансата, е целосно подготвена да ги прифати. 

На прес-конференцијата Премиерот Заев посочи дека земјата прави големи чекори за зајакнување на капацитетите на Армијата. Премиерот Заев рече дека во 2018 година буџетот за одбранбените сили е зголемен за 14% и дека целта на Владата е најдоцна до 2024-та година, 2% од БДП да се наменува за современи армиски сили кои во секој поглед ќе бидат рамноправни со своите сојузници во НАТО.

„Оваа наша цел ќе ни помогне да го зголемиме нашето учество во мисиите предводени од НАТО, како и нашата партиципација во командните и политичките структури на алијансата. Тоа е приоритет за нас, кога стануваме полноправна членка на Алијансата. Подготвени сме да продолжиме да соработуваме со сите НАТО сојузници за да го преземеме нашиот дел од заедничките обврски и одговорности, како 30-тата земја-членка, за да обезбедиме свој придонес за понатамошно обликување на Западен Балкан во мирен, просперитетен и демократски регион“, додаде Премиерот Заев.

Во завршницата на својата изјава пред медиумите Премиерот Заев рече дека членството на Република Северна Македонија во НАТО дополнително ќе придонесе за стабилноста и безбедноста во Југоисточна Европа и ќе биде инструмент за креирањето на нова, позитивна слика за регионот.

„Процесите што ги поминавме не беа лесни, но беа исклучително важни за иднината на нашата земја. Договорите склучени со нашите соседи Бугарија и Грција се непобитен доказ за нашата зрелост. Тие договори се темелите за идниот развој на силното партнерство што го започнавме и што биде од придонес за понатамошно зачувување и зајакнување на регионалната безбедност и стабилност. Ние сме подготвени да ги поддржиме сите земји од нашето соседство во исполнувањето на овие стратешки цели од интерес на граѓаните од регионот кои делат заеднички вредности: посветеност на демократијата, слободата, слободна пазарна економија, почитувањето на човековите права и владеењето на правото’, заклучи Премиерот Заев.

Посочувајќи дека пристапниот протокол за полноправно членство на Република Северна Македонија веќе го потпишале осум земји членки на Алијансата,  Генералниот Секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на прес-конференцијата рече дека членство на Северна Македонија во НАТО ќе придонесе за стабилноста на целиот регион. 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на прес-конференцијата упати охрабрување до Владата на Република Северна Македонија да продолжи за започнатиот реформски процес. 

Инаку досега пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО го потпишаа неколку земји членки на Алијансата, односно Грција, Бугарија, Албанија, Словенија, Хрватска, Црна Горна, Романија и Литванија.

Извор: Влада  

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *