Влада: Признанија на компаниите што воведоа скратено работно време за вработените вратени од родителско отсуство

Еднакви можности за мажите и жените и баланс помеѓу професионалните и приватните обврски“ беше тема на денешната работна средба со претставници од стопанските комори на премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, како и претставници на UN Women во нашата земја. На работната средба, која што се одржа на иницијатива на Министерството за труд и социјална политика, беа доделени и признанија за самоиницијативноста на шест домашни компании за приклучувањето кон глобалниот тренд за воведување на скратено работно време за вработените коишто се вратиле од родителско отсуство.

Претседателот на Владата Зоран Заев ја поздрави иницијативата со која мајките добија дополнително три месечно платено отсуство и потенцираше дека на овој начин компаниите создаваат мотивирани, задоволни и лојални работници.

„Тоа е таа навистина исклучива благодарна постапка. Тоа е одраз на покажаната грижа на компаниите за своите вработени кои стануваат мајки и на кои им е исклучително важно во тој период на раниот детски развој, заедно со целото семејство, да им се посветат на своите деца колку што е можно повеќе“, рече премиерот Заев.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека за квалитетен пазар на труд, но и за успешно родителство многу е важно да се прави баланс помеѓу професионалните и приватните обврски, но и да има еднакви можности за мажите и жените.

„Како Влада на којашто секое дете и е важно и која активно работи на унапредување на родовата еднаквост и раниот детски развој МТСП во широка консултација со сите засегнати страни ќе предложи користење на споделено родителско отсуство во новиот закон за работни односи којшто е во фаза на подготовка. На овој начин ќе се овозможи и на таткото да користи родителско отсуство кое нема да биде условено од користењето на породилното на мајката, што ќе значи многу за раниот развој на детето “, нагласи Царовска.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев се согласи дека воведувањето на скратено работно време за вработените кои се враќаат од породилно отсуство е одличен чекор преку кој се поттикнува наталитетот и се подигнува задоволството и мотивацијата кај вработените.

„Овие постапки треба да ги охрабрат и другите компании да пристапат кон воведување на вакви или слични мерки. Светот се менува, во секој сегмент, па и во работните односи и ваквите постапки влијаат на градење на имиџот на компаниите, да бидат препознаени како општествено одговорни и компании кои се грижат за своите вработени и на тој начин да задржуваат и привлекуваат квалитетен и добро обучен кадар“, нагласи Анѓушев.

Генералната директорка на АД Европа – Скопје, Марика Караџова, која е и една добитничките на признанието, истакна дека во оваа компанија има 400 вработени од кои 300 се жени. Во моментот десет од нив користат скратено работно време, а пет се очекува наскоро да заминат на родителско отсуство.

„Ако АД Европа, со толку висок процент на вработени жени не се плаши да влезе во ваква иницијатива, нема зошто другите компании да се плашат. Ова ни се покажува како ефективна иницијатива“, рече Караџова.

Во дискусијата со свои видувања и коментари на темата се вклучија и претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески, Неби Хоџа, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија, извршниот директор на Сојузот на Стопанки комори на Македонија Александар Зарков и извршната директорка на МАСИТ Анита Никова.

Добитници на признанијата кои што ги доделија министерката Царовска и премиерот Заев се компаниите Витаминка од Прилеп, којашто прва го воведе скратеното работно време, АД Европа од Скопје, Фитофарм, маркетите Рептил и Зур и компанијата Макпрогрес од Виница.

Извор: Владаh