Влада: Република Северна Македонија е семејство на различни вери, кои меѓу себе живеат сложно

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на ден 08.05.2019 година беше гостин на ифтарската вечера по повод светиот месец Рамазан, организирана од страна на македонско-турската стопанска комора во нашата земја. На оваа ифтарска вечер покрај претседателот на македонско-турската стопанска комора, Ајдован Адемовски свое обраќање имаше и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев кое Ви го пренесуваме во целост.

„Рамазанските пости се период кога семејствата се собираат, пријателите се дружат и се посветуваат на саморефлексија и размислување.

Ве имам како семејство и ми претставува посебна чест што ме поканивте мене и владата да бидеме заедно со вас кога ги исполнувате Вашите свети должности.

Должности кои повикуваат на молитва за меѓусебно почитување, за залагање за правда, за напредок, толеранција и достоинство на сите луѓе.

Постот е одрекување од земните и сетилните задоволства што е заедничка вредност на многу вери – вклучувајќи ја и мојата христијанска вера. Тоа е време кога го јакнеме духот за да го прифатиме фактот дека промените што сакаме да ги направиме – мора да започнат во нашите сопствени срца и во нашите заедници.

Со секој ифтар за време на Рамазанскиот пост се стекнуваме со можност да ја охрабруваме и негуваме нашата заедница, Република Северна Македонија, како една држава, едно семејство на различни вери, кои меѓу себе живеат сложно и ја продолжуваат традицијата што како аманет ни ја оставија нашите претходни генерации.

Владата на Република Северна Македонија негува партнерски, но и пријателски однос со сите претставници на Стопанската комора МАТТО.

Ова е уште една прилика да ги потврдиме и ги реафирмираме силните билатерални односи со Република Турција. Држава која е голем пријател на Република Северна Македонија и со која негуваме традиционално пријателство.

Овие односи и пријателство постојано растат. Само во периодот јануари – февруари 2019 во споредба со истиот период лани со Република Турција имаме зголемување на обемот на трговска размена за 10.7%.

Драги пријатели, рамазанските пости нека ви донесат мир и благосостојба во вашите семејства и сила за сите идни потфати во вашите професионални проекти.

Нека е за многу години.“

 

Извор: Влада