Влада: Средба со претставници на синдикати и претставници на вработените во Еурокомпозит

Претставници на кабинетот на претседателот на Владата, на заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања и претседателот на управниот одбор на компанијата „Еурокомпозит 11 октомври“ АД Прилеп, Тони Петрески, на ден 17.04.2019 година  остварија средба со претставници на синдикатот на индустрија, енергетика и рударство и претставници на вработените на кои им е престанат работниот однос во компанијата.

Предмет на средбата беа прашања поврзани со исплата на заостанати и неисплатени обврски по основ на плати, придонеси од плати, отпремнини и испратнини на вработените.

Од страна на Владините претставници беше посочено дека проблемите со кои се соочува „Еурокомпозит 11 октомври“, се провлекуваат повеќе години, и дека истите се предмет на постојано разгледување во правец на изнаоѓање на конечно решение и надминување на состојбите во Комбинатот.

Како прв чекор во надминувањето на проблемите со кои се соочуваат вработените наведено е дека со измените на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизацијата на претпријатијата со доминантна сопственост на државата, 153 лица од компанијата се згрижени и добиваат месечен надоместок согласно Законот. На овој начин Владата исполни дел од преземените обврски од нејзина страна.

Воедно претставниците на СИЕР и на вработените на кои им е престанат работниот однос во компанија беа информирани за сите чекори кои се преземаат за надминување на постојните проблеми во комбинатот, а пред се за можните решенија поврзани со обврските од работниот однос на вработените.

На состанокот беше истакнато дека во многу кус временски период се очекува да се пристапи кон исплата на дел од неисплатените отпремнини на лицата на кои им престанал работниот однос.

Во однос на идното функционирање и судбината на комбинатот, претставниците на СИЕР и на вработените на кои им е престанат работниот однос, беа информирани дека се бара решение со сериозни странски стратешки партнери кои се заинтересирани за инвестирање во „Еурокомпозит 11 октомври“, а на кој начин се очекува да се решат и други прашања поврзани со правата на вработените во комбинатот, односно исплата на дел од заостанати придонеси по основ на работен однос.

Извор: Влада