Влада: Трошењата на новиот претседател на Северна Македонија ќе бидат на увид на јавноста преку Алатката за отчетност

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски на ден 23.05.2019 година се сретна со Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. На средбата, министерот Поповски и Претседателот Пендаровски разговараа за Алатката за отчетност, на којашто се прикажани трошоците на министрите, замениците – министри и на директорите на јавните претпријатија.

Во продолжение Ви го испраќаме во целост текстот на изјавата на министерот Поповски:

Пред сè, ми претставува особено задоволство што имав можност, на Претседателот на државата и лично да му честитам на изборот. Ова е наша прва официјална средба. Она што е значајно од средбата, е тоа што претседателот Пендаровски искажа целосна подготвеност начинот на неговото работење и сето она што значи користење на буџетските средства како Претседател на државата да ги стави на увид на јавноста.

Тоа значи дека Алатката за транспарентност, што Премиерот, министрите во Владата, замениците-министри, директори на јавни претпријатија, веќе во неколку извештајни периоди ја користат и ја презентираат пред граѓаните, ќе биде на своевиден начин прилагодена согласно начинот на кој функционира кабинетот на Претседателот и тие трошења ќе бидат на увид на јавноста.

Ова е огромна разлика во споредба со претходниот претседател Иванов, којшто воопшто немаше намера да ги презентира трошоците и начинот на работење пред граѓаните. Беше целосно нетранспарентен.

Да ја потсетам јавноста, од кога беше воведена Алатката за транспарентност во Владата и предложена на јавните претпријатија, мојот кабинет побара да ја употреби и претседателот Иванов. Тој, тоа на најдрастичен начин го одби и кажа дека едноставно нема потреба од такво нешто.

Значи, сега конечно, имаме Претседател, имаме кабинет на Претседателот што ќе биде целосно отворен, транспарентен и целото свое работење и начинот на којшто ги менаџира и средствата и политиките ќе бидат достапни и презентирани пред граѓаните“.

Извор: Влада