Влада: Заев – Брнз – Нашата цел е преговорите со ЕУ до крајот на годинава

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска имаше средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави Кејт Брнз, на која се разговараше за актуелните процеси поврзани со евроинтеграциите за земјава, за стратешката соработка меѓу Република Северна Македонија и САД и за предизвиците во справувањето со пандемијата предизвикана од КОВИД-19.

На средбата заеднички беше констатирано дека двете држави посакуваат преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија да започнат до крајот на годинава, како влог во стабилност на регионот и како важен процес за обезбедувањето просперитет за граѓаните. Според Заев и Брнз, решавањето на билатералните прашања треба да остане надвор од преговарачката рамка меѓу Северна Македонија и ЕУ, а секое противење или оневозможување на овој процес е на директна штета на кохезијата на трансатлантското семејство на народи и спротивно на интересите за стабилност и демократија во регионот.

Амбасадорката на САД Кејт Брнз ги поздрави постапките на Владата за сузбивање на потпалувачкиот говор во јавноста и даде поддршка на напорите да се одржи конструктивниот и отворен дијалог по однос на овие прашања. Премиерот Заев се придружи кон овие ставови и изрази надеж дека примерот на Владата во промоцијата на дијалогот како алатка за решенија ќе го следат сите чинители од земјата и регионот.

Премиерот Заев изрази благодарност за стратешката и сојузничка поддршка која Северна Македонија ја добива од САД и заедно со амбасадорката Брнз ги потврдија заложбите за постојана и суштинска соработка во справувањето со коронавирусот, како и за уште поголеми директни инвестиции од САД во развојот енергетиката, дигиталната економија и сајбер безбедноста согласно безбедносните стандарди на НАТО.

Извор: Влада