Во тек се градежни зафати во ООУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“-централно кои се однесуваат на реконструкција на подовите во ходниците на долниот спрат.
Според динамиката на работа, следен чекор е целосно реновирање на тоалетите и изградба на тоалет за деца со посебни потреби и енергетски ефикасна фасада.
-Напорно работиме на подобрување на условите за изведување на воспитно-образовниот процес согласно најсовремени стандарди во училиштата и ќе продолжиме во таа насока. Поради овие зафати, наставата почнува утре со физичко присуство за децата од прво до трето одделение, додека децата од четврто до деветто одделение во ова училиште ќе имаат он лајн настава со донесена одлука од училишниот одбор, а во согласност со општина Ѓорче Петров – информираше градоначалникот Александар Стојкоски.
Оваа одлука е со времетраење од 30 дена и за истата е информирано и ресорното Министерство.
Извор: Општина Ѓорче Петров