Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска денес оствари работна средба со претседателката на Здружението за заштита на работничките права “Гласен Текстилец”, Кристина Ампева.
Ова здружение е формирано од текстилни работнички и активисти за заштита на човековите и работничките права кое веќе 5 години активно ги афирмира и популаризира проблемите на работниците, кршењето на нивните права, а преку едукации, трибини, конференции, семинари ја подига свеста и ги охрабрува работниците да ги уживаат своите права и да пријават било какво прекршување.
На средбата Директорката Лукаревска истакна дека “Гласен Текстилец” е партнер на Управата за јавни приходи во сузбивање на сивата економија, односно преку откривање на непријавени работници и неисплатени плати УЈП заедно со надлежниот орган за труд врши контрола на работодавачите од текстилната индустрија со цел откривање на неправилностите и заштита на правата на работникот. Ампева истакна дека Управата за јавни приходи во рамките на своите надлежности досега излегла во пресрет на повеќе барања на ,,Гласен Текстилец,, и се надева дека така ќе биде и во иднина.
Соработката е интезивна, и истата ќе продолжи, со цел на секој работник да му се обезбедат пристојни услови за работа, почитување на работното време и соодветна заработувачка за својот труд.
Извор: Управа за јавни приходи