Избрани се замениците-министри во Владата на Република Северна Македонија, предложени од премиерот Димитар Ковачевски, вчера вечер, од страна на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, по повеќечасовната дебата.
„Во центарот на парламентарната демократија, граѓаните и медиумите можат да видат дебата, различни ставови и позиции. Разлика меѓу конкретното и декларативното, меѓу резултатите и празните ветувања, меѓу работата за сегашноста и иднината – и лажниот патриотизам“, оцени премиерот Ковачевски, непосредно пред гласањето.
Обраќајќи се до идните заменици-министри, тој побара уште од утре да почнат да ги спроведуваат нивните постоечки и нови задачи.
За заменици-министри, со мнозинство гласови во Парламентот се избрани:
- Башким Хасани, за заменик на министерката која раководи со Министерството за одбрана,
- Назим Буши за заменик на министерот кој раководи со Министерството за внатрешни работи,
- Агим Нухиу за заменик на министерот кој раководи со Министерството за правда,
- Џабир Доко за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците,
- Фатмире Исаки за заменичка на министерот кој раководи со Министерството за надворешни работи,
- Филип Николоски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за финансии,
- Зоран Маневски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за економија,
- Абдулшуќур Абедини за заменик на министерот кој раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство,
- Владимир Рендевски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за здравство,
- Лулзим Алиу за заменик на министерот кој раководи со Министерството за образование и наука,
- Зоран Димитровски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за локална самоуправа,
- Даим Лучи за заменик на министерката која раководи со Министерството за култура,
- Александар Бајдевски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за информатичко општество и администрација,
- Беким Реџепи за заменик на министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски и
- Христина Оџаклиевска за заменичка на министерот кој раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.
Премиерот Ковачевски, во обраќањето порача дека најважно од сѐ е да се работи искрено, посветено, стручно и ефикасно.
„Таква методологија, атмосфера, контрола и одговорност побарав и нема да отстапам, за сите врвни владини позиции и за министрите и за идните заменици-министерки и министри. На оваа позиција се нафатив, предложив министри и заменици-министри за да работиме и спроведуваме, за да покажеме резултати и граѓаните да ги ползуваат нашите решенија. Имаме план, со рокови, обврски, носители на задачи и начин за мерења на ефектите врз квалитетот на животот на граѓаните. Нашиот пристап е јасен, искрен и мерлив. Сите работи, минати, сегашни и идни јасно ги соопштувам на јавноста и зад нив стојам, бидејќи личниот образ, одговорноста и системот на вредности за мене се врвни критериуми и така барам, како и јас, да се однесуваат и останатите“, рече премиерот Ковачевски.
Тој потсети дека во помалку од еден месец, е спроведен историски модел и висина на минимална плата и најави продолжување на овие политики од полза на граѓаните, бидејќи за Владата, граѓанинот е во центарот – неговите лични и семејни потреби и предизвици се највисоко на владината агенда.
„Продолжуваме со пензиите. 2022 година ќе биде година на силна енергетска трансформација. Продолжуваме во услови на здравствена и енергетска криза, да ги зголемуваме платите, пензиите, да го вратиме данокот преку Мој ДДВ, да ги зголемиме инвестициите и да создадеме амбиент за повисок раст, подбра економија, правна држава – како што денеска видовме, нашата држава веќе не е хибриден криминален режим, во којшто нè воведе речиси цела декада оваа опозиција, за жал тогашна власт“, посочи премиерот Ковачевски и додаде дека секој добронамерен и стручен е добредојден во тимот.
„Спротивно, сите лажни, ниски и политикантски акции, доминантно лоцирани во опозицијата, ќе ги осуетиме и покажеме дека се спротивни на интересите на граѓаните и на државата. Граѓаните гледаат, ценат и веќе проценуваат зошто Владата и владината коалиција е подобро решение за нивните проблеми и нивните потреби“, оцени премиерот Ковачевски.
Тој најави присуства во Собранието и помеѓу народот, цврсто поставен, како што рече, ни милиметар помалку, напротив многу повеќе мотивиран, за понуда на нови, брзи и ефикасни решенија.
„За тоа вреди да се работи, тоа е најсветата мисија и лична обврска за мене и оваа Влада“, порача претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, на седницата за избор на заменици министри во Собранието на Република Северна Македонија.
Извор: Влада