Министерството за труд и социјална политика информира дека на ден, 15 февруари 2022 година, во Министерството се одржа средба меѓу министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и Илија Јовановиќ од здружението „Градиме Иднина“.
Со цел продлабочување на соработката со здружението претставувано од Јовановиќ, ќе се оддржи нова средба меѓу директорот на Центарот за социјални работи, Скопје во понеделник, следната недела.
На одржаната средба во министерството се разговараше за досегашните политики и преземени активности и мерки како и идните планови за сузбивање на појавата на питачењето и интеграцијата на овие лица во општествениот живот.
Притоа беше потенцирано дека, заштитата и постапувањето со децата на улица е комплексен проблем и бара мултисекторско постапување на надлежните институции, граѓанските организации и поединците.
За таа цел Министерството за труд и социјална политика во координација со Министерството за внатрешни работи во изминатиот период преземаат конкретни чекори за намалување на појавата од питачење кај децата на улица и нивните родители, кои вршат терански активности на веќе мапираните критични локации на територијата на град Скопје.
Поради зголемениот број на питачи, формирани се мобилни тимови составени од стручни лица од ЈУ МЦСР-Скопје кои во соработка со МВР, имаат изготвено месечни планови за теренски активности на целата територија на град Скопје. На терен, постапуваат инспектори за малолетници и стручни лица од Центарот, претставници од здруженија, кои преку превентивен и едукативен пристап со децата и нивните семејства, имаат за цел да ги воочат ризиците од оваа социо-патолошка појава.
На територијата на Град Скопје, Министерството за труд и социјална политика има воспоставено 2 Дневни центри за деца на улица и тоа: Кисела Вода и Шуто Оризари.
Основна улога на Дневниот центар за деца на улица е отстранување на децата од улица и нивна инклузија односно вклучување во општеството преку усвојување на различни социјални вештини.
Покрај работата со децата, се работи и со биолошките родители преку јакнење на нивните родителски капацитети, одговорно родителство и надминување на стереотипни однесувања, поврзани со припадност на одредена етничка група и вклучување во системот на социјална, детска и здравствена заштита.
Министерството за труд и социјална политика продолжува со грижата за децата и семејствата во социјален ризик.