spot_imgspot_img
spot_img
spot_img

АФПЗРР: Соопштение

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој м-р Никица Бачовски денеска присуствуваше на Свечениот дел на Генералното собрание на НФФ кој се одржа на Факултетот за земјоделски науки и храна.

Во своето обраќање Бачовски го поздрави континуитетот на работата на НФФ во насока на достигнување на поголема благосостојба за секој земјоделец.

“Симбиозата помеѓу владините институциите и невладиниот сектор е секогаш добредојдена. Низ заедничка соработка и дијалог често ги осознаваме вистинските потреби, можностите но и проблемите на чие решавање треба да се фокусираме” – посочи Бачовски.

Во својот говор директорот се осврна на активностите кои произлегуваат од работата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, а се во насока на оддржување и помагање на земјоделското производство во време на здравствена, економска, воена и енергетска криза.

“Преку 200 милиони евра беа вбризгани во домашното земјоделство преку директни плаќања, ко-финансирање на проекти од програмата за рурален развој, финансиска поддршка преку ИПАРД и преку поддршката предвидена во ковид – пакетите кои ги опфатија лозарите, тутунарите, јаболкарите и оризопроизводителите.

Со носење на програмата за финансиска поддршка во земјоделството во делот на директни плаќања се интервенираше во висината на финансиска поддршка за зелената нафта, односно предвидените износи по култури беа зголемени за 13% со цел усогласување со моменталните цени на дериватите. Дополнително, новата програма предвидува суштинска реформа во начинот на исплатата на субвенциите. Со пилотирање на мерката за субвенционирање на овошни насади, во 2022 година е предвидена авансна исплата од 30% од финансиската поддршка предвидена за овоштарите.

Во програмата за рурален развој се предвидени нови мерки за ко-финансирање на проекти и веќе во моментот додека зборуваме активни се 5 јавни повици и тоа за набавка на трактори, набавка на силоси, изградба на мандри, набавка на опрема за производство и преработка на тутун како и мерката за грантови за жени земјоделки од рурални средини. Во текот на утрешниот ден ќе биде објавен и повик за ко-финансирање на подигнати лозови и овошни насади во перидоот есен 2021 – пролет 2022.

Деновиве актуелен е и Интервентиот фонд кој веќе е ставен во функција и на располагање на земјоделците. Во моментот тече аплицирањето за субвенционирање на набавка на вештачки ѓубрива за пченица, пченка, јачмен и сонлоглед. Во периодот пред нас преку истиот фонд ќе биде исплатена и финансиска поддршка за заклани јагниња, гоеници и одгледани несилки.

Со ова освен редовните програми за директни плаќања, рурален развој и ИПАРД, ставени се на располагање и дополнителни 400 милиони денари за земјоделците и агро секторот.
Усвоена е и ИПАРД 3 програмата чија вредност е проектирана на околу 130 милиони евра,буџет кој е поголем за 60% од изминатиот програмски период ИПАРД 2. Нашиот влог во подобрување на имиџот на програмата, транспарентноста и отворениот пристап во работењето го даде својот резултат.
Како институција остануваме отворени за соработка со сите чинители од секторот, се со цел финансиската поддршка која ја пружаме, а која воопшто не е мала, ја усмериме на вистинското место, кај вистинските производители, а следствено на тоа да ја зголемиме продуктивноста на секторот со максимално искористување на домашните природни ресурси за производство на храна и земјоделски производи” – заклучи Бачовски во свеченото обраќање.

 

 

 

 

Извор: Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој 

Прочитајте