Работиме на обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија за потребите на стопанството. Во изминатиот период сме во директни преговори со Србија и со Албанија, во рамки на Отворен Балкан, а изминатиот период владина делегација предводена од премиерот Ковачевки беше во Софија и Атина со што веќе имаме договори за обезбедување на суровини за зголемување на домашното производство како и дополнителни количини на електрична енергија, кажа министерот за економија Крешник Бектеши по денешната работна средба со претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески.
На средбата присуствуваа и претставници на 10-те најголеми компании потрошувачи на енергија во земјата.
На работната средба како што информираше министерот Бектеши и претседателот на Комората Азески е договорено компаниите да достават конкретни предлози до Владата кои ќе бидат инкорпорирани во новиот пакет мерки за поддршка на домаќинствата и стопанството кои се подготвуваат и ќе бидат објавени до крајот на месецот.
„Работиме да им обзбедиме на компаниите доволни количини на електрична енергија, а со преговорите кои што интензивно ги водиме правиме максимални напори цената на електричната енергија да биде порационална од онаа што е на светските берзи“ кажа Бектеши.
Министерот потенцираше дека регионалниот пристап на кој работиме во моментов со сеседните земји е најдобриот начин за да се справиме со една од најтешките зими кои не очекуваат не само нас туку и цела Европа.
„ЕСМ ќе ги покрива целосно потребите за електрична енергија за домаќинствата и за микро и малите компании кои се на регулиран пазар, а ние се обидуваме со обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија да им излеземе во пресрет на големите компании кои се на отворен пазар или околу 1.500 фирми кои се од огромно значење за економијата“ кажа Бектеши и му се заблагодари на Азески за континуираниот придонес на Стопанската комора во разговорите и заедничко изнаоѓање на решенија за справување со енергетската криза.
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески истакна дека соработката со Владата во последните месеци е на највисоко ниво, а суштината е да се помогне таму каде е тоа најпотребно.
„Во изминатиот период имавме една многу добра размена на мислења во коишто ние правиме подготовки за концепирање на пакетот на мерки за поддршка на бизнисот кои се очекува да бидат објавени на 28 септември“ кажа Азески.
Извор: Влада