Премиерот Ковачевски, заедно со министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски присуствуваа и се обратија на настан по повод „Почеток на изградба на пречистителна станица во Делчево”.
Со изградбата на пречистителната станица, каде по современи стандарди и современа технологија ќе се преработува водата за пиење, Делчево трајно го решава проблемот со квалитетот на водата за пиење и со загубите на водата.
Во продолжение е интегралниот говор на премиерот Ковачевски:
„Драго ми е што сум денес во Делчево, тука и ќе го поминам денот, и што ќе имам можност да видам и да се запознаам поблиску со она што ги засега граѓаните на Делчево.
Една работа што знам дека сигурно ги засега сите граѓани е секако како ќе ја поминеме зимата. И тука во Делчево но и низ државата. Секако ние како Влада и јас како премиер напорно работиме, јас лично се заложив и реков дека оваа зима никој нема да остане сам да се справува со кризата, и дека нема да треба да бира помеѓу струја и храна. Буквално никој, и тоа, со мерките кои ги носиме на Влада, се остварува.
Тука доаѓам по вчерашната седница на Влада на која донесовме одлуки со кои обезбедуваме поевтина струја од 80 евра по мегават/час за компаниите кои вршат производство на основните прехранбени производи. Со оваа одлука цените на основните прехранбени производи, лебот, брашното, млекото и млечните производи, маслото за јадење, месото и живината, пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, месната и живинарската индустрија ќе се стабилизираат. Веќе беше јавно соопштено од производителите на основни производи дека со ваква одлука цените би требало да се намалат за најмалку 10%.
Во оваа тешка криза им помагаме и на основните и на средните јавни училишта. И тука во Делчево и низ земјата. За нив обезбедуваме поевтина електрична енергија по цена од 95 евра по мегават/час.
Можност за снабдување со електрична енергија од ЕСМ по цена од 95 евра мегават час, обезбедуваме и за јавните претпријатија од областа на водоснабдување и одведување на отпадни води.
За да се спречат злоупотреби и манипулации при обезбедување на универзална услуга на пазарот на електрична енергија, донесовме одлука со која на сите општини и на Градот Скопје им се забранува да основаат ЈП, ДОО или АД за вршење дејност од јавен интерес-јавно осветлување.
Со овие мерки и заедно со останатите антикризни мерки кои само во 2022 година достигнаа над 760 милиони евра, пакет кој според Светската банка е најголемиот пакет за поддршка во регионот кој е обезбеден за граѓаните за поддршка за справување со енергетската криза, навистина се грижиме за да обезбедиме животен стандард и ликвидност на компаниите и заедно да ја пребродиме оваа криза.
Од грижа за најранливите 42.000 граѓани, за над 330.000 пензионери со државна помош меѓу 3.000 и 6.000 денари, преку мерки за обезбедување на ликвидноста на стопанството, субвенционирање на струјата со 80% за над 600.000 домаќинства и над 72.000 мали потрошувачи фирми кои ги вработуваат најголем дел од вработените во државата, па се до мерките за прехранбената индустрија кои ги споменав, мислиме на секого, затоа што сите граѓани за нас се подеднакво важни.
Но морам да признаам, дека кога сме вака во градови како што е Делчево, исклучително ме радуваат проекти како овој денес кој е значаен не само за жителите на Делчево, туку за цел овој регион за сите села од околината.
Денеска се става крај на деценискиот проблем со чиста вода за пиење на граѓаните. Со изградбата на пречистителната станица, каде по современи стандарди и современа технологија ќе се преработува водата за пиење, Делчево трајно го решава проблемот со квалитетот на водата за пиење и со загубите на водата.
Би сакал да изразам благодарност до нашите пријатели Швајцарската Конфедерација кои го поддржаа проектот со 6 милиони швајцарски франци, до Министерството за животна средина кое преку Владата на Република Северна Македонија вложи 1,3 милиони швајцарски франци, како и Општината Делчево за нивниот придонес од 30.000 швајцарски франци.
Со овој проект, освен изградба на пречистителната станица за вода, се овозможува изградбата на комплетно нова водоводна инсталација во с. Габрово и с. Ѕвегор и нивно приклучување во системот на водоснабдување на градот Делчево.
Покрај овие две многу важни компоненти, во овој проект влегува и изградбата на фотоволтаична централа со номинален капацитет од 250 кw во пик со кој се предвидува делумно покривање на потребите за електрична енергија за бунарите и пречистителната станица.
Оваа капитална инвестиција е само една во низата инвестиции за долгорочен развој на Република Северна Македонија. Еден од столбовите на политиката на Владата што ја предводам е рамномерен регионален развој, затоа што секој град, секој регионот во државата заслужува да биде убаво место за живеење кое и понатаму ќе се живее во просперитет.
Денес како што кажав целиот ден ќе го поминам во Делчево и регионот, и навистина се радувам што има толку многу што да се види и посети, и драго ми што се случува развој. Полека но сигурно, одиме напред.
Северна Македонија чекори по еден нов пат, европски, просперитетен, во областа на политиката, демократијата, економијата, како и во областа на заштита на животната средина. Се залагаме како Влада и продолжуваме да инвестираме во проекти коишто ќе значат унапредување на општините, без разлика дали станува збор за инфраструктурни проекти, канализациони и водоводни мрежи, отворање нови фабрики, реконструкција на болници и други важни објекти за потребите на граѓаните.
Политиките што ги креира Владата се сеопфатни и никого не изоставуваат, без разлика дали станува збор за проекти за развој на општините, за мерки за ублажување од енергетската криза. Ние како Влада поддржавме и инвестиции од над 250 милиони евра во општините, ќе го поправиме она што со децении не е направено, секој заслужува квалитетен живот.
Посебно сме фокусирани на обезбедување на подобар живот за граѓаните, подобри услови за развој на стопанството, како и подобри услови за странски директни инвестиции. Во овие тешки времиња, најдобриот начин на кој можеме да се избориме со кризата е, тука во Северна Македонија да отвориме и обезбедиме што е можно повеќе работни места за нашите граѓани. Најдобриот начин како да се избориме со високите трошоци за живот, е да донесеме подобро платени работни места во индустриите на иднината, кои се поддржани од оваа Влада.
Интензивно работиме и така само изминатиов месец сите имавме прилика да видиме отворање на неколку нови фабрики, нови инвестиции од областа на енергетиката, автомобилската индустрија, итн. Се позициониравме како држава во која странските инвеститори препознаваат вистински партнер и затоа реномирани компании ја бираат Северна Македонија како дестинација за нивните инвестиции.
Вложуваме и во инфраструктура, се градат повеќе делници и патишта, а во саботата отпочна и градбата на источен дел од железничкиот Коридор 8.
Нашиот поглед е секогаш вперен кон иднината, енергетската трансформација на земјата, зелената транзиција е еден од приоритетите, кој се покажа како особено важен во време на криза. Скоро бевме сведоци на започнувањето со работа на најголемата соларна електрана досега, која ќе снабдува над 5.500 домаќинства со чиста електрична енергија добиена од македонското сонце. Ги донесовме и измените на законот за градење за да можат сега сите физички и правни лица со многу едноставна процедура и без одобрение за градба од општината да постават фотоволтаици.
Напорната работа носи резултати, во тоа сум сигурен и затоа, Владата, јас како премиер, продолжуваме во иста насока, со државнички пристап во време на светска економска и енергетска криза.
Почитувани граѓани, жители на Делчево посакувам да имате уште многу вакви среќни денови важни за развојот на општината и просперитетни за иднината на младите од овој крај“.
Извор: Влада