Реформите што ги спроведуваат Владата и Министерството за финансии во јавните финансии се во линија со постигнување напредок во евроинтеграциите. Со почетокот на преговорите и отпочнувањето на скрининг процесот реформите добиваат забрзана динамика. Во Министерството за финансии веќе се подготвува акциски план за имплементација на препораките од последниот Извештај на Европската комисија (ЕК), но се работи и на практична реализација на оние реформи што веќе беа истакнати во Извештајот на ЕК, како Законот за буџети.
Денеска на средбата помеѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими и амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир беа потврдени напорите на РС Македонија на патот на зачленувањето во ЕУ. Министерот посочи дека потврда за тоа е и најавата за финансиска поддршка во износ од 80 милиони евра од ЕУ за справување со кризата, но и ставањето на располагање пакет од 500 милиони евра наменети за инвестиции за целиот регион на Западен Балкан.
„РС Македонија не отстапува од поставените цели за постигнување просперитетно општество, повисок економски раст и целосно интегрирање во Европската Унија. На овој пат имаме значајна поддршка од ЕУ, и финансиска и техничка. Во рамки на Програмата на економски реформи, која секоја година ја подготвуваме заедно со ЕУ, се дефинираат мерки и политики што нè доближуваат до европските стандарди. Во моментов се работи на новата Програма на економски реформи којашто треба да биде усвоена од Владата во јануари 2023 година. Средствата достапни преку ИПА фондовите имаат значаен придонес за реализација на крупни инфраструктурни проекти“, рече министерот Бесими.
Тој истакна дека здравите економски политики се препознаени и од меѓународните финансиски институции, за што потврда е и поддршката од Меѓународниот монетарен фонд преку Инструментот за претпазливост и ликвидност – ПЛЛ. Овие средства ќе се користат за справување со последиците од енергетската и ценовната криза.
„Ова е значајна поддршка за РС Македонија која силно ги чувствува последиците од енергетската и ценовна криза и ќе бидат насочени кон поддршка на стандардот на населението, ликвидноста на стопанството, како и за стабилно обезбедување енергенси, особено електрична енергија“, потенцира министерот, наведувајќи дека Владата веќе има донесено два пакета антикризни мерки во вредност од 750 милиони евра и дека од крајот на минатата година обезбедува финансиска поддршка за ЕСМ со цел пониски производствени трошоци за електричната енергија и пониска цена за домаќинствата и 70 илјади компании на регулираниот пазар“, рече министерот.
На средбата беше посочено дека и покрај зголемените трошоци за справување со кризата, МФ останува на заложбата за макроекономска стабилност и фискална консолидација на среден рок, со цел да се задржат поволните услови за забрзан економски развој.
Исто така, во рамки на спроведените реформи и мерки во јавните финансии, покрај новиот Закон за буџети, што е клучна реформа во процесот на буџетирање, во фаза на подготовка се и подзаконските акти за воспоставување на Интегрираниот информациски систем – ИФМИС, со кој ќе се дигитализираат процесите, а донесени Планот за фискална одржливост и Планот за забрзан економски раст.
Извор: Министерство за финансии