Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини заедно со заменик амбасадорката на Шведска Биби Грамсон и извршната директорка на Екосвест Ана Чоловиќ се приклучија на засадувањето на садници во Градскиот парк во Скопје, од каде што упатија пораки за значењето на систематското и планирано засадување на урбаното зеленило во справувањето со загадувањето на амбиенталниот воздух и справување со климатските промени.
„ Денеска, преку симболично засадување на садниците овде во Градскиот парк во Скопје, сакам да се потсетиме на значењето и улогата на урбаното зеленило во квалитетот на нашето живеење. Урбаното зеленило има важна улога во прочистувањето на воздухот кој особено во ова време на годината, поради местоположбата на главниот град, но и засилената урбанизациja, а сега дополнителни и заради енергетската криза очекувано е под голем притисок. Зеленилото треба да се чува, негува и проширува секаде каде тоа е возможно, вклучувајќи ги и нашите домови.
Сакам да ја искористам оваа прилика и да упатам апел до граѓаните и до институциите, да бидеме совесни и одговорни покажувајќи способност за прилагодување. Да правиме паметни избори не само во начинот на затоплување бирајќи поеколошки поефикасни огревни материјали, туку и во паметната употреба на возилата и правилно одложување на отпадот како клучни фактори во загадувањето, бидејќи на крајот на денот сите го дишеме истиот воздух. Правото на чиста и здрава животна средина е наше право, но и обврска на секој од нас кон средината во којашто живееме“- порача министерот Нуредини.
На новинарско прашањето дали се очекува зголемено загадување, министерто Нуредини рече:
– Имаме за жал загадување, но ако гледаме како било претходните години имаме намалување на аерозагадувањето. Тоа значи дека нашите политики што пробуваме да ги направиме измена на греење на болници, на полициски станици, градинки и училишта има позитивен ефект. Не можам да кажам што ќе биде утре, но морам да кажам дека сме во енергетска криза, имам разбирање и за граѓаните кои се најзагрозени во вакви кризи, но апелирам на свесност од сите институции, приватниот сектор и граѓаните.
Во однос на барањата на одредени компании да го променат горивото, Нуредини нагласи дека за тоа постојат стриктни законски процедури и законите важат за сите. Нуредини потенцираше дека компаниите треба да продолжат да употребуваат гас, бидејќи како што кажа, се што е поевтино не значи дека е добро за граѓаните.
Поддршка на акцијата даде и ЈП „Паркови и зеленило“ кое понатаму ќе се грижи за обновеното зеленило во паркот.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање