Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска оствари работна посета на општина Струмица каде заедно со градоначалникот, Костадин Костадинов, означија почеток на градежните активности за изградба на фекална и атмосферска канализациона мрежа во населеното место Градско Балдовци.
Со проектот предвидена е изградба на фекална канализациона мрежа од скоро 7 километри, атмосферска канализациона мрежа од 2,4 километри и одводни канали.
Инвестиционата вредност изнесува 85 милиони денари, средства обезбедени преку Министерството за транспорт и врски.
„Драго ми е што сум денеска тука во Градско Балдовци, каде заедно со градоначалникот Костадинов, означуваме почеток на градежните активности за изградба на фекален и атмосферски канализационен систем токму за граѓаните на ова населено место. Проектот што го реализираме тука во Градско Балдовци е со инвестициона вредност од 85 милиони денари и сигурен сум дека со овој проект решаваме еден огромен проблем на жителите на Градско Балдовци, значително го подобруваме животниот стандард на населението, но и значително придонесуваме за заштита на животната средина.“ – изјави министерот Бочварски.
Тој потенцираше дека преку Министерството за транспорт и врски во наредниот период ќе започне и изведба на дел од булеварот Братство и Единство, како дел од локалната патна мрежа во општината.
Градоначалникот Костадинов ја потенцираше поддршката од централната власт и најави повеќе капитални проекти значајни за општина Струмица.
„На барање на жителите на Градско Балдовци ја започнуваме оваа инвестиција од околу 85 милиони денари, проект кој е од огромно значење и сум задоволен што она што го ветивме пред граѓаните, го исполнуваме. Ова е резултат од нашата заедничка соработка со Министерството за транспорт и врски и верувам дека соработката така и ќе продолжи. Уште еден исклучително важен проект кој го работиме со Министерството е реконструкцијата на регионалниот пат Струмица – Дабиле, кој очекувам да започне со реализација во наредните месеци, бидејќи компаниите изведувач и надзор се веќе избрани.“ – изјави градоначалникот Костадинов.
Извор: Влада