Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски вчера оствари работна посета на телекомуникациската компанија МТЕЛ. Премиерот им честиташе на менаџерите на МТЕЛ за успешното работење, за постигнатите резултати и за позитивниот развој на пазарот во Северна Македонија.
„Драго ми е што оваа компанија ги препознава позитивните политики на Владата за инвестирање. Владата што ја предводам создава подрачје за безбедно инвестирање, па затоа МТЕЛ ќе продолжи да се шири и да инвестира во Северна Македонија“, потенцираше премиерот во своето обраќање за време на посетата на МТЕЛ.
Премиерот истакна дека МТЕЛ досега во нашата земја има инвестирано 4 милиони евра, а компанијата е со планови за понатамошни зголемувања на инвестиции.
„Во моментот вработуваат 80 вработени, а многу скоро таа бројка ќе биде уште поголема“, рече претседателот на Владата.
Ковачевски истакна дека изминатиов период беше полн со глобална неизвесност, безбедносни закани и многу економски предизвици. Владата успеа да ја зајакне меѓународната позиција на Северна Македонија и да оствари многу цели и амбиции, поврзани со економскиот развој на нашата земја. „Економски ја јакнеме позицијата на Северна Македонија и со тоа што станавме земја членка на НАТО и започнавме преговори со ЕУ“, рече премиерот Ковачевски и додаде:
„Драго ми е што странските, но и домашните инвеститори во Владата гледаат свој партнер за напредок и развој. Ние се стремиме да создаваме услови по светски терк, за безбедно инвестирање, неопходни за непречено функционирање на компаниите.
Нашите политики се со единствена цел да го подигнеме квалитетот на животот на нашите граѓани. Со создавање поволни и безбедни услови за нови инвестиции овозможуваме отворање на нови, добро платени работни места. Како Влада ќе продолжиме да ја јакнеме конкурентноста и да создаваме силна домашна економија“, истакна премиерот Ковачевски.
Менаџерскиот тим на МТЕЛ изрази благодарност до премиерот Ковачевски за посетата на компанијата и можноста да ги споделат нивните планови за нивниот иден развој во Северна Македонија, за кој истакнаа дека имаат навистина големи амбиции.
Генералниот директор на Телеком Србија Владимир Лучиќ потенцираше дека посетата на претседателот на Владата е потврда за нивната силна и значајна позиција на македонскиот телекомуникациски пазар и поттик да продолжат со инвестициите.
„Од влезот на пазарот во Северна Македонија во 2021 година досега инвестиравме 4 милиони евра и во нашата компанија ангажиравме 80 лица. Задоволни сме со работата на нашата компанија која во моментов веќе има повеќе од 16 илјади задоволни корисници. Во следните две години планиравме да инвестираме дополнителни 50 милиони евра, а нашиот тим да го зголемиме за уште најмалку 200 млади стручни лица“, истакна генералниот директор на Телеком Србија Владимир Лучиќ.
„Амбицијата на МТЕЛ во Северна Македонија не е да биде само уште еден оператор на пазарот, туку уверени сме дека со плановите кои ги имаме за наредниот период, поткрепени со квалитетот на нашите услуги за скоро ќе можеме да се промовираме и во број 1 телекомуникациски оператор на македонскиот пазар“, рече Марко Лопичиќ, генерален директор МТЕЛ.
Горан Трајановски, претседателот на Надзорниот одбор на МТЕЛ го изрази задоволството од деловниот амбиент и соработката со институции надлежни за регулација на телекомуникацискиот сектор.
„Северна Македонија има компетитивен телекомуникациски пазар, но регулативата е особено добра и им овозможува на операторите да се развиваат, да растат, да ја засилуваат својата позиција врз основа на квалитетот на услугите кои што ги нудат, да инвестираат во проширување на палетата на услуги и да го зголемуваат бројот на свои вработени“, потенцираше Трајановски на работната средба со премиерот Ковачевски.
Во прилог интегрален документ од обраќањето на премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска оствари работна посета на телекомуникациската компанија МТЕЛ.
Во продолжение обраќањето на премиерот Ковачевски во целост:
„Сакам да им честитам на МТЕЛ за успешното работење, за постигнатите резултати и за позитивниот развој на пазарот во нашата земја, во Северна Македонија, но и во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Австрија, Швајцарија, а како што бев информиран од менаџментот на МТЕЛ многу скоро и на пазарот во Германија.
Постигнатите резултати се должат на технолошките успеси што ги има оваа телекомуникациска компанија, но и довербата која што во неа ја имаат нејзините клиенти.
Драго ми е што оваа компанија ги препознава позитивните политиките на Владата и што отпочна со свои операции и инвестирање во нашата земја. Владата што ја предводам создава подрачје за безбедно инвестирање на компании како што се МТЕЛ и со тоа привлекуваме уште компании во овој значаен телекомуникациски сектор.
МТЕЛ досега во нашата земја има инвестирано 4 милиони евра со планови за понатамошни зголемувања на инвестиции.
Во моментот вработуваат 80 вработени, а многу скоро таа бројка ќе биде уште поголема.
Изминатиов период беше полн со глобална неизвесност пред се, безбедносни закани и многу економски прашања, сепак како Влада успеавме да ја зајакнеме меѓународната позиција на нашата земја и тоа пред се преку нашите успешни меѓународни интеграции во НАТО, отпочнување на преговорите со ЕУ а секако дека тоа секогаш е препознаено од вакви големи успешни компании.
Драго ми е што странските, но и домашните инвеститори во Владата гледаат свој партнер за напредок и за безбедно инвестирање во своите бизниси.
Нашите политики се со единствена цел да го подигнеме квалитетот на животот на граѓаните со создавање поволни и безбедни услови за нови инвестиции со што овозможуваме отворање на нови, добро платени работни места и тоа пред се во вакви убави и во технолошки напредни работни места и услуги како МТЕЛ во Скопје меѓутоа и во другите градови во кои тие работат во нашата држава.
Како Влада ќе продолжиме да ја јакнеме конкурентноста и да создаваме силна домашна економија. Сакам да им честитам и на менаџментот на МТЕЛ и во Србија меѓутоа и на менаџментот тука во Македонија и на сите вработени за успешната работа.
Ви благодарам.“
Извор: Влада